Background

СЕ ОДБЕЛЕЖУВА ДЕНОТ НА АЛБАНСКАТА АЗБУКА Честитки од државниот врв до албанската заедница

Националната установа Музеј на Албанската азбука, денеска со повеќе програмски активности го одбележува 22 ноември, денот кога во 1908 година во Битола, учесниците на историскиот Битолски Конгрес едногласно ја прифатија одлуката на Комисија за азбуката која утврди унифицирана Албанска азбука.

На Битолскиот Конгрес во 1908 година учествувале 32 делегати од Битолскиот, Скадарскиот, Јанинскиот и Косовскиот вилает, како и поединци интелектуалци од Софија, Букурешт, Констанца, од Скопје, Ресен, Охрид, Дебар, Корча, Елбасан и други градови, кои на крајот од Конгресот утврдија решение за унифицирање на азбуката на албанскиот јазик.

– Одбележувањето на Денот на Албанската азбука се одвива неколку денови со пригодни манифестации, поетски читања, изложба, научна конференција и присуство на бројни посетители од државата и странство кои ги погледнаа постојаната изложбена поставка во Музејот со 51 фотографии на кои се претставени личностите кои придонеле за развојот на албанската азбука, потоа восочните фигури на членовите на комисијата, фотографии на личности учесници на Битолскиот конгрес и 58 документи меѓу кои автентична копија од Одлуката за прогласување на азбуката на албанскиот јазик, потпишана од учесниците на конгресот – изјави Нуер Арслани, директор на НУ Музеј на Албанската азбука Битола.

- Advertisement -
Ad image

Во текот на денот, во Битола ќе престојуваат високи делегации од државата и странство кои ќе го посетат Музејот на Албанската азбука и воедно ќе го прослават 22 ноември, денот кој од 2007 година во земјава се слави како државен празник и е неработен ден за граѓаните на албанската заедница.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до припадниците на албанската заедница по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука.

– Почитувани сограѓани Албанци, 22 Ноември е датум чие значење ја надминува симболиката на историски јубилеј. Тој е сведоштво за национална визија и свест за посебен идентитет, чиј темел е стандардизираната албанска азбука – истакнува претседателката.

Во честитката, таа посочува дека јазикот е основниот белег на националната посебност и е најсилниот инструмент за градење и изразување на колективната меморија на еден народ, неговото духовно наследство и искуство.

– Албанскиот јазик, вам Албанците ви овозможи да изразите почит кон претците, но и одговорност кон потомците. Во македонското мултикултурно општество и демократски политички систем, Албанците и албанскиот јазик имаат долга традиција на постоење во уставниот, политичкиот, економскиот, образовниот, научниот, културниот, спортскиот, медиумскиот, забавниот и секојдневниот живот. Дозволете ми како претседателка на државата, да изразам став дека наша заедничка должност е да градиме општество во кое единството нема да ги негира, туку ќе ги респектира различностите, третирајќи ги како трајни општествени вредности – наведува Сиљановска-Давкова.

И претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати честитка по повод Денот на албанската азбука.

– Почитувани граѓани Албанци, 22 Ноември, Денот на албанската азбука, нè потсетува на еден од најзначајните моменти во албанската историја. Конгресот во Битола од 1908 година означи пресвртница за јазикот, образованието и националниот идентитет. Битола стана местото каде што албанските преродбеници ги обединија знаењето, визијата и посветеноста за една заедничка цел. Нивната одлука беше повеќе од јазично достигнување; таа претставуваше чин на далекувидост, единство и одговорност кон идните генерации – истакнува Гаши.

Јазикот, како што посочува Гаши, го отелотворува идентитетот на еден народ.

– За Албанците, тој засекогаш останува обединувачка врска, носител на историјата и нераскинлив израз на достоинството на народот. Во Северна Македонија, тој исто така претставува мост на комуникација, разбирање и соживот меѓу нашите граѓани. Во својство на претседател на Собранието на Република Северна Македонија, во која Албанците се државотворен народ, овој ден го сметам како момент за размислување за нашата заедничка одговорност да ги гарантираме еднаквоста, почитувањето на јазичниот и културниот идентитет, правичната застапеност и еднаквите можности за сите. Ова се темелни вредности за изградба на демократска, праведна и инклузивна држава. Нека 22 Ноември ни послужи како потсетник дека почитувањето на јазикот и идентитетот на едни со други е темел на единството и на нашата заедничка иднина – нагласи Гаши во честитката.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

✖

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

✖

Stop following

Unfollow Cancel

✖

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation

✖