Затворен деловниот потфат на брокерската куќа на Кондовски и Пејчиновски, доверителите на „СН Осигурителен Брокер“ гласаа за впаричување на имотот
Основниот суд во Битола одржа извештајно собрание на доверители во стечајната постапка против осигурителното брокерско друштво „СН Осигурителен Брокер“ АД Битола, компанија основана и водена од Христо Кондовски и Зоран Пејчиновски. Со мнозинство гласови беше донесена одлука деловниот потфат на должникот да се затвори и да се пристапи кон впаричување на имотот, откако беше утврдено дека друштвото веќе нема дозвола да ја врши брокерската дејност.
Собранието се одржа на 4 септември 2026 година пред стечајниот судија Иван Колевски, во предметот заведен под број СТ-52/25. Постапката е поведена по предлог на доверителот Адем Фејзоски од Битола за отворање стечај врз должникот, осигурителното брокерско друштво „СН Осигурителен Брокер“ АД Битола, кое веќе се наоѓа во стечај. Записничар на собранието беше Севиљај Шабани, а во својство на стечаен управник настапи Љубица Зајкоска од Прилеп.
Над 45 доверители со право на глас
На рочиштето присуствуваа полномошници на голем број доверители, меѓу кои Фактор Ин, Адор Македонија, Васка Бошковска, УЈП Битола, Евроинс, Стопанска банка АД Скопје, Руд Коп, Про Енерго, Комерцијална банка АД Скопје, Супер Ауто Контрол, Тако Мобил, Солидус, Кроација осигурување, А1, Тера Кота Инженеринг Прилеп, Граве Имоти, Граве Неживот, Грант Ауто, Пошта на РСМ, Неотел, Реприм и повеќе физички лица, меѓу кои и предлагачот Адем Фејзоски.
Судот утврди дека на собранието биле присутни доверители со вкупно 88,8602 отсто од утврдените и оспорените побарувања за кои постои извршна исправа, со право на глас, што значеше дека собранието можело правно да заседава и одлучува.
Предлогот за одлагање беше одбиен
Пред разгледувањето на дневниот ред, полномошничката на Евроинс Скопје, адвокатката Маја Симоновска, побара кратко одлагање на собранието, наведувајќи дека коригираниот извештај за економско финансиската состојба на должникот бил депониран во стечајното досие кратко пред рочиштето, поради што доверителите немале доволно време детално да се запознаат со неговата содржина. На овој предлог се приклучи и полномошникот Миле Наумовски, додека полномошникот Љупчо Милошевски се спротивстави, оценувајќи дека одлагањето непотребно би ја одолжило постапката.
Судот го одби предлогот како неоснован, образложувајќи дека коригираниот извештај бил депониран во стечајното досие на 21 август 2026 година, дека за тоа бил објавен оглас на огласната табла истиот ден, дека соопштение било објавено во дневниот весник „Нова Македонија“ на 22 август 2026 година, како и во „Службен весник“ на 31 август 2026 година, со што законската обврска за известување била целосно исполнета.
Управничката останува на функцијата
По однос на првата точка од дневниот ред, доверителите едногласно одлучија стечајната управничка Љубица Зајкоска од Прилеп да продолжи да ја врши функцијата, без да биде разрешена.
Одборот на доверители проширен на седум членови
По предлог на полномошникот Љупчо Милошевски, доверителите едногласно одлучија постојниот петчлен одбор на доверители, составен од Стопанска банка АД Скопје, Благој Крстевски од Битола, Фактор Ин ДОО Скопје, Македонија осигурување Виена Иншуренс Груп АД Скопје и Министерството за финансии на РСМ, да се прошири со уште двајца членови, Евроинс АД Скопје и Васка Бошковска од Прилеп. На овој начин одборот на доверители сега брои седум членови.
Компанијата на двајца битолски екс бизнисмени
„СН Осигурителен Брокер“ АД Битола е основано во декември 2014 година од Христо Кондовски и Зоран Пејчиновски, кои со текот на годините остана на чело на друштвото како извршни директори, односно членови на одборот на директори. Под нивно раководство компанијата во извесен период важеше за едно од побрзорастечките осигурителни брокерски друштва во земјава, со мрежа канцеларии низ повеќе градови. Токму истото ова друштво денес се наоѓа во стечај, со одземена дозвола за работа и со вкупни обврски кон трети лица кои, според извештајот на стечајната управничка презентиран на собранието, изнесуваат 1.477.227.233 денари.
Друштвото немало дозвола за работа
Најзначаен дел од рочиштето се однесуваше на третата точка од дневниот ред, односно прашањето дали деловниот потфат на должникот да продолжи или да се затвори. Стечајната управничка Зајкоска ги извести доверителите дека друштвото работело спротивно на законските прописи кои ја регулираат неговата дејност, што било потврдено и со спроведена супервизија од Агенцијата за супервизија на осигурување. Со решение донесено на 14 март 2025 година, на друштвото му била одземена дозволата за вршење брокерски работи.
Според управничката, поради ова друштвото нема законска можност да го продолжи деловниот потфат. По преземањето на должноста таа спровела серија дејствија согласно членот 34 од Законот за стечај, изготвила коригирана табеларна шема на побарувања која била презентирана на испитното рочиште, а судот на 29 јуни 2026 година донел решение за утврдени и оспорени побарувања.
Имотна состојба, спорна и неизвесна
Управничката детално ја претстави и имотната состојба на должникот. Недвижниот имот се состои од пет имотни листови, проценети на вкупно 32.263.880 денари. Меѓутоа, констатирано е дека една парцела во вредност од 12.361.500 денари, во текот на стечајната постапка, е запишана како сопственост на Републиката Северна Македонија, врз основа на изјава за еднострано раскинување на договорот за отуѓување градежно земјиште. По оваа корекција, вредноста на недвижностите изнесува 20.202.380 денари. Управничката притоа оцени дека овој имот не може да се впаричи додека не завршат бројните судски парници, бидејќи врз имотните листови постои забрана за располагање, наметната од повеќе доверители.
Книговодствено, имотот на должникот, состојба заклучно со 15 мај 2025 година, изнесувал 122.617.539 денари побарувања од купувачи на земјиште, 516.631.107 денари побарувања по депозити и аванси, 151.115.841 денари побарувања по дадени позајмици и 57.135.948 денари побарувања по дадени кредити и заеми.
Управничката, сепак, предупреди дека голем дел од овој книговодствен имот реално нема да влезе во стечајната маса. Проценетите превозни средства во вредност од 2.392.350 денари не претставуваат стечајна маса, бидејќи доверителите имаат различни права утврдени со решението за утврдени побарувања. Машините и опремата, во вредност од 9.427.825 денари, исто така не се дел од стечајната маса, бидејќи целиот овој имот е заложен и предмет на судски спорови по заведениот заложен регистар. Побарувањата од 122.617.539 денари, пак, потекнуваат од полиси и штети кои не му припаѓаат на брокерот туку на осигурителните компании.
Според наводите на управничката, должникот давал кредити и заеми на физички и правни лица надвор од своите законски овластувања, поради што и овие побарувања се предмет на судски спорови. Коригиран е и износот на паричните побарувања на 3.177.200 денари, средства кои при отворањето на стечајната постапка биле префрлени од затворените жиро сметки на должникот, но кои реално припаѓаат на осигурителните компании, а не на стечајната маса.
Дополнително, на 20 декември 2024 година била извршена продажба на деловните објекти на друштвото, лоцирани во Битола и Скопје, за која веќе е заведен судски спор за нејзино побивање. Друштвото има и обврски кон трети лица во износ од 1.477.227.233 денари.
Одлука за затворање на потфатот и впаричување на имотот
Врз основа на изнесеното, управничката предложи деловниот потфат на должникот да биде затворен и ликвидиран, бидејќи друштвото нема дозвола за дејноста за која е регистрирано, а имотот е минимален и неизвесен поради тековните судски постапки. Нејзиниот предлог беше, доколку се дојде до имот, истиот да се впаричи преку електронска продажба.
Судот ја стави оваа точка на гласање, по што со мнозинство од 86,15 отсто од присутните доверители со утврдени и оспорени побарувања и извршна исправа, беше донесена одлука деловниот потфат на стечајниот должник да се затвори и да се пристапи кон впаричување на имотот.
Забележано е дека полномошничката на Евроинс АД Скопје, адвокатката Маја Симоновска, чиј доверител има утврдено побарување од 13,85 отсто од присутните доверители, одбила да учествува во гласањето по оваа точка, поради тоа што претходно не бил прифатен нејзиниот предлог за одлагање на собранието заради увид и запознавање со коригираниот извештај за економско-финансиската состојба. Според наводите на нејзиниот полномошник изнесени на собранието, Евроинс има пријавено побарување кое надминува 4 милиони евра.
С.Д.

