Европскиот парламент да го повика Советот на ЕУ да ја ревидира преговарачката рамка и да ги отстрани сите упатувања кон Вториот протокол од 17 јули 2022 година. Основа за пристапните преговори со Македонија смеат да бидат исклучиво правото на Унијата и Копенхашките критериуми.
Ова, во писмо до известувачот за Македонија Томас Вајц во Европскиот парламент, го пишува Македонецот Гоце Пероски, член на германската зелена партија Bündnis 90/Die Grünen, поранешен член и претседател на Советот за интеграции во Дизелдорф, поранешен член во претседателството на Младите европски федералисти Баден-Виртемберг, основач и член на Германско-македонскиот културен форум во Штутгарт, член на Советот на Македонците во Берлин.
Неговиот допис го пренесуваме во целост:
„Барање за преговарачка рамка за Македонија која ќе биде во согласност со правото на ЕУ
Почитуван господине Вајц,
во прилог би сакал да Ви ги предложам следниве можности со кои Европскиот парламент би можел да даде свој придонес кон преговарачка рамка за членство на Македонија во Европската Унија која ќе биде усогласена со правото на ЕУ со следниве барања:
1. Европскиот парламент да усвои резолуција со која ќе констатира дека преговарачката рамка за Македонија (Одлука на Советот на ЕУ од 19 јули 2022 год.) во нејзината актуелна верзија не е во склад со примарното право на Европската унија — особено со чл. 2, чл. 4 ст. 2, чл. 4 ст. 3 и чл. 49 ДЕУ, чл. 18 ДФЕУ и чл. 21 од Повелбата за основните права на ЕУ.
2. Европскиот парламент да го повика Советот на ЕУ да ја ревидира преговарачката рамка и да ги отстрани сите упатувања кон Вториот протокол од 17 јули 2022 година. Основа за пристапните преговори смеат да бидат исклучиво правото на Унијата (acquis communautaire) и Копенхашките критериуми.
3. Европскиот парламент да ја повика Европската комисија да ја исполни својата функција на чувар на договорите согласно чл. 17 ст. 1 ДЕУ и да поведе постапка за прекршување на договорите согласно чл. 258 ДФЕУ против Република Бугарија, доколку таа ги продолжи условувањата засновани на идентитетска политика надвор од acquis-то.
4. Европскиот парламент да ја повика Европската комисија да објави обврзувачко појаснување дека македонскиот јазик е признаен како самостоен јазик во целокупниот правен систем на ЕУ и дека тоа признавање не може да биде доведено во прашање со никаква билатерална позиција на земја-членка. Ова служи за заштита на основните права на оние граѓани на ЕУ чии професионални квалификации се засноваат врз признавањето на македонскиот јазик.
5. Европскиот парламент да побара, во рамките на своите овластувања согласно чл. 218 ст. 11 ДФЕУ, Судот на правдата на Европската унија да издаде мислење за усогласеноста на актуелната преговарачка рамка со примарното право на Унијата.
6. Европскиот парламент да ја повика Бугарија без одлагање да ги имплементира 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на слободата на здружување на македонските малцински организации (ОМО Илинден) и да ги вклучи овие барања во свои политики.
Ви благодарам за Вашето внимание и поддршка!
Со почит,
Гоце Пероски“
Дописот на истакнатиот македонски политички и граѓански активист во Германија е доставен до известувачот Томас Вајц, до
директорот за односите со Европската Унија во Канцеларијата на канцеларот Мерц, до претседателот на Комисијата за односите со ЕУ во германскиот Бундестаг, до претседателот на Комисијата за надворешна политика во германскиот Бундестаг, до парламентарниот секретар во германското Министерство за надворешни работи и до пратеници во германскиот Бундестаг од различни пратенички групи.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
