Инспекторите на Град Скопје продолжуваат со засилениот инспекциски надзор на терен 24 часа, со цел намалување на аерозагадувањето и заштита на животната средина. Неселективно се изрекуваат казни за сите што не го почитуваат законот, ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето на граѓаните. Во изминатата година, градот Скопје има изречено казни од 9 до 100 илјади евра за правни лица и соодветни казни против физички лица, кои се затекнати како креираат диви депонии, ги палат и го прекршуваат законот, соопштија денеска од Одделението за односи со јавноста при Град Скопје.
„За време на изминатата недела инспекторите за животна средина на градот Скопје и комуналните инспектори имаат санкционирано со изречени казни над 20 сторители, а секоја недела во просек се изрекуваат помеѓу 20 и 30 санкции. Град Скопје во минатата година поднесе повеќе кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, меѓу што и опасен канцероген отпад во зелен појас, со што се нагрдува градот и доведува во опасност на животот и здравјето на скопјани“, појаснија од Град Скопје.