Соединетите Американски Држави подигнаа федерално кривично обвиниение против поранешниот кубански претседател Раул Кастро и уште пет лица, што претставува сериозна ескалација на повеќедецениската кампања на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп против кубанскиот комунистички режим.
Според судски документи до кои дошол Си-Би-Ес (CBS), 94-годишниот Кастро е обвинет во Мајами за заговор со цел убиство на американски државјани, за четири точки од обвинението за убиство и за две точки поврзани со уништување летала.
Меѓу обвинетите се наоѓа и пилот на борбен авион кој се поврзува со инцидентот од 1996 година, кога четири лица загинале откако кубанската војска ги соборила нивните авиони за време на хуманитарна мисија над Флоридскиот Проток.
Обвинителството тврди дека наредбата за отворање оган ја издал токму Кастро. Како симболично место за објавување на обвинението е избрана зградата Фридом Тауер во Мајами, низ која помеѓу 1962 и 1974 година поминале повеќе од половина милион кубански бегалци кои по револуцијата на Фидел Кастро од 1959 година ја напуштиле земјата.
Американските власти наведуваат дека Раул Кастро го одобрил соборувањето на два мали авиони на организацијата „Brothers to the Rescue“ на 24 февруари 1996 година.
Организацијата на кубански емигранти од Мајами трагала по бегалци во водите меѓу Куба и Флорида. Во нападот загинале Армандо Алехандре Џуниор, Карлос Коста, Марио де ла Пења и Пабло Моралес, откако нивните летала биле погодени со проектили истрелани од кубански МиГ авиони.
Раул Кастро се повлече од функцијата претседател во 2018 година, а три години подоцна се откажа и од местото секретар на Комунистичката партија на Куба. И покрај тоа, тој и понатаму се смета за една од највлијателните личности во кубанската политика. Засега не е познато дали некогаш ќе се појави пред американски суд.
Претседателот на Куба, Мигел Дијаз-Канел оцени дека обвинението против Раул Кастро само ја открива „ароганцијата и фрустрацијата што претставниците на империјата ја чувствуваат кон непоколебливата одлучност на Кубанската револуција и кон единството и моралната сила на нејзиното раководство“.
Дијаз-Канел на својот профил на „Икс“ наведе дека станува збор за политички маневар лишен од правна основа, кој служи за да се оправда „лудоста на воената агресија“ врз Куба.
„Многу добро знаат, со оглед на изобилството документирани докази, дека не беше преземена никаква непретпазлива акција ниту пак беше прекршено меѓународното право, како што американските воени сили навистина правеа со своите ладно пресметани и отворено објавени вонсудски егзекуции на цивилни бродови на Карибите и Пацификот“, напиша Дијаз-Канел, алудирајќи на инцидентот од 1996 година, кога беа соборени американски цивилни авиони со кои управуваа кубански бегалци.
Тој истакна дека Куба тогаш делувала во легитимна самоодбрана во рамките на своите јурисдикциски води, по повеќекратните и опасни повредувања на воздушниот простор на Куба „од страна на озлогласени тероисти“.
„За тој факт тогашната американска администрација беше предупредена во повеќе од десет наврати, но ги игнорираше предупредувањата и дозволи тие кршења да продолжат“, наведе Дијаз-Канел.
Тој го опиша Раул Кастро како герилски командант и државник кој „ја заслужи љубовта на својот народ“.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
