Поранешниот романски ММА-борец Кристијан Анхелиук (47), кој работел во обезбедувањето на Михаел Шумахер и на Златан Ибрахимовиќ, заврши во притвор. Истражителите го сомничат за тргување со влијание и за користење фалсификувани документи, вклучително и диплома со која се вработил во пратеничка канцеларија.
Борецот, познат по прекарот „Микуцу“, односно „Малиот“, бил приведен на 16 ноември, пренесе романскиот Обсерватор. Судот во Сучеава следниот ден му определил 30-дневен притвор.
Според романската Национална дирекција за борба против корупцијата, Анхелиук користел фалсификувана диплома за завршено средно образование. Ја заверил кај нотар во февруари 2024 година, па ја приложил за вработување како референт кај пратеник.
На тоа работно место останал од 12 февруари до 31 мај 2024 година.
Обвинителството тврди дека со лажни образовни документи се обидел да изгради и медицинска кариера. Користел и фалсификувана потврда за завршено дополнително медицинско образование за да стекне статус на медицински техничар.
Потоа се обидел да добие работа како болничар на интензивна нега во болницата во Радауци, каде што претходно волонтирал.
Истражителите го сомничат дека меѓу април 2021 и јули 2023 година барал и примал од 7.000 до 15.000 евра. За возврат, ветувал вработувања во службата за итна медицинска помош во Сучеава, повикувајќи се на познанства во институциите.
Друг дел од истрагата се однесува на документи за романско државјанство. Според обвинителството, од 5 украински државјани со романско потекло барал по 9.000 евра. Две од доставените потврди за државјанство се покажале како фалсификувани.
Во истиот предмет притвор добил и Адријан Сахлеан, осомничен за тргување со влијание.
Анхелиук претходно јавно раскажувал за работата во Италија, каде што бил дел од осумчлено обезбедување на Јувентус. Меѓу фудбалерите што ги придружувал биле Ибрахимовиќ, Алесандро дел Пјеро и Павел Недвед.
За ангажманот со седумкратниот шампион во Формула 1 објаснил дека добиле задача да го преземат неговото обезбедување пред трката во Монца.
– Одевме насекаде со него. Бевме неговите сенки – раскажал борецот за Обсерватор.
Романската јавност го познава и од телевизиски настапи. Учествувал во повеќе забавни и реални шоуа, меѓу кои и „Островот на милионот“.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
