Граѓаните со ниски примања и годинава ќе добиваат помош од државата за подмирување на сметките за струја и други енергенси.
Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година сè уште е во нацрт и како што информираат од Владата се предвидуваат неколку мерки.
– Главната директна мерка е субвенцијата од 1.000 денари месечно за намалување на сметките за електрична енергија, која се однесува на домаќинства кои ги исполнуваат критериумите утврдени во Програмата. Основната цел на Програмата е да обезбеди поддршка за домаќинствата кои се идентификувани како ранливи потрошувачи на енергија кои ќе треба да ги исполнат дадените критериуми за помошта – велат од Владата.
Во категоријата ранливи потрошувачи на енергија се вклучени домаќинства што користат гарантирана минимална помош, семејства со низок доход и други социјално ранливи категории.
Конечната верзија на Програмата ќе биде разгледана на тематска седница на Владата, па велат оттаму, можно е да има и дополнително проширување на мерките или нивно дооформување.
– Со оваа програма се очекува значително да се олесни финансискиот товар за ранливите категории домаќинства, особено во зимските месеци, кога трошоците за енергија се највисоки – велат од Владата.
Министерството за енергетика очекува Владата соодветно на буџетските можности да предвиди и да донесе и други мерки со кои ќе им се помогне на ранливите категории граѓани да ги платат сметките за енергенси.
Не се знае точно кога Програмата и мерките ќе бидат разгледани од Владата, но по нивното донесување Министерство за енергетика ќе ја информира јавноста кога граѓаните ќе можат да аплицираат за оваа помош и кои ќе бидат критериумите.
Во изминатиот период годишно по околу 7.500 домаќинства со ниски примања добиваа субвенции за потрошена електрична енергија.
Последната мерка од јануари 2024 година, предвидуваше лицата со ниски примања да се стекнуваат со финансиска поддршка за електрична енергија преку намалување на месечната сметка во износ од 600 до 800 денари сметано од денот на поднесување на барањето.