Германија планира двојно да го намали бројот на работници што годишно можат да дојдат од земјите на Западен Балкан – од досегашните 50.000 на 25.000 лица. Предлогот на германската влада директно ги засега и граѓаните на Македонија, кои преку посебна уредба добиваат можност да работат во Германија и без да имаат квалификација што формално се признава таму.
Предлогот сега треба да помине во Бундесратот, телото во кое се претставени 16-те германски сојузни покраини. Гласањето е закажано за 18 декември. Доколку биде одобрен, пристапот до германскиот пазар на труд за работниците од регионот ќе стане значително потежок.
Најавеното ограничување веќе предизвика реакции во германската економија, особено во градежниот сектор, кој со години се потпира и на работници од Западен Балкан. Работодавачите предупредуваат дека наместо да го реши проблемот со недостигот од кадар, владата може дополнително да ја влоши состојбата.
Тим Оливер Милер, генерален директор на Главното здружение на германската градежна индустрија, предупредува дека со намалувањето на квотата во секторот би можеле да недостигаат речиси 9.000 работници. Тој посочува дека искусните работници за изградба на челични и бетонски конструкции тешко можат да бидат заменети со домашна работна сила.
Според Милер, само минатата година околу 17.000 вработени во градежништвото заминале во пензија. Работниците ангажирани преку Уредбата за Западен Балкан се важни за реализацијата на градежните проекти, а нивното намалување може да доведе до доцнења и повисоки трошоци за изградба на станови и инфраструктура.
Колку германското градежништво зависи од странската работна сила покажуваат и податоците на Централното здружение на германското градежништво. Според нив, секој седми вработен во секторот има странски пасош.
Директорот на здружението, Феликс Паклепа, предупредува дека Германија не може истовремено да најавува изградба на нови станови, реконструкција на мостови и проширување на енергетските мрежи, а да го ограничува доаѓањето на работниците потребни за реализација на тие проекти.
Податоците што ги пренесува специјализираниот медиум „Бау“ покажуваат дека околу 35 отсто од визите издадени според Уредбата за Западен Балкан се однесуваат на вработување во градежништвото. За добивање согласност е потребен конкретен договор за работа, а 98 отсто од работниците опфатени со уредбата се вработени на работни места за кои е задолжително социјалното осигурување.
Градежните здруженија бараат квотата да биде укината, а постапката за издавање визи да се забрза преку целосна дигитализација.
Намалувањето на квотата е дел од поширокото заострување на германската миграциска политика, кое беше меѓу главните предизборни ветувања на канцеларот Фридрих Мерц. Германската влада најавува построга контрола на границите и ограничување на миграцијата, во време кога ова прашање е меѓу најзначајните теми во германската политичка дебата.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
