Британскиот јавен сервис Би-Би-Си ќе биде предмет на независна истрага поради обвинувања дека не ги штити соодветно своите еврејски вработени и дека во организацијата постои институционална култура на дискриминација. Истрагата ја најави лорд Џон Ман, независен советник на британската влада за борба против антисемитизмот, кој ќе ги испита сведоштвата на сегашни и поранешни вработени и ќе подготви извештај за министерката за култура Лиза Ненди.
Ман, кој ја извршува советничката функција од 2019 година, тврди дека добил сведоштва за работна средина во која од еврејските вработени се очекувало да докажуваат дека се „добри Евреи“, како и да го оправдуваат својот идентитет и ставовите за прашања поврзани со Израел и еврејската заедница.
Според него, некои еврејски новинари биле обвинувани дека одредени теми ги предлагаат поради својата верска припадност, а имало и случаи кога нивните новинарски предлози биле отфрлани. Ман тврди дека некои вработени биле принудени да ја напуштат медиумската куќа, додека други се плашеле да поднесат официјални поплаки.
Тој нагласува дека проблемот не се однесува само на поединечни новинари или редакции, туку на пошироката работна култура во Би-Би-Си.
– Луѓето не се чувствуваат сигурни да ги пријават проблемите во самата организација – изјави Ман, оценувајќи дека досегашните мерки на раководството не биле доволни.
Еден од случаите што ја засили дебатата е оној на Луси Кон, поранешна уредничка на документарната серија „Storyville“ и продуцентка наградена со Оскар. Таа тврдеше дека била изложена на антисемитско однесување од колеги по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. По нејзиното заминување, Би-Би-Си ѝ исплати 400.000 фунти во рамките на спогодба, без признавање одговорност за антисемитизам.
Јавниот сервис соопшти дека неговите внатрешни проверки не ги потврдиле обвинувањата на Кон за антисемитизам, но признал пропусти во начинот на кој постапувал со неа и влијанието што тоа го имало врз неа.
Раководството на Би-Би-Си претходно ги отфрли обвинувањата дека во организацијата постои системска дискриминација. Заменикот на генералниот директор, Родри Талфан Дејвис, изјави дека не гледа докази за институционален проблем, иако призна дека во голема организација може да има поединечни случаи на дискриминација.
Во најновата реакција, Би-Би-Си соопшти дека не толерира никаква форма на дискриминација, дека вовел задолжителна обука за антисемитизам за сите вработени и дека ги охрабрува да пријавуваат какви било инциденти.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
