Егзекуцијата на 70-годишниот Реиналдо Денес во американската сојузна држава Тексас траела повеќе од еден час, откако затворскиот персонал имал големи тешкотии да пронајде соодветна вена за смртоносната инјекција.
Осуденикот постојано викал од болка, стенкал и го молел Бога да му ги прекрати маките. Во еден момент извикал дека десната нога ужасно го боли, опишувајќи го чувството како силен грч.
Според „Асошиејтед прес“, погубувањето било извршено во четвртокот во затворот во Хантсвил, каде што затвореникот ја чекал смртната казна за убиство извршено пред 30 години.
Пред почетокот на постапката, осуденикот им се обратил на своите најблиски, зборувајќи за верата и Божјата љубов што ја чувствувал во изминатите децении.
Потоа му дал знак на управникот на затворот да започне егзекуцијата.
Набргу почнал да се жали на силни болки.
– Боли! Ајде! Ајде! – извикал Денес, по што го молел Бога да му го олесни страдањето.
Неговите поплаки продолжиле, а сведоците слушнале и неколку силни стенкања.
– Мислам дека ова не е нормално. Не дозволувај вака да страдам – рекол осуденикот.
Постапката завршила во 19.07 часот, точно 63 минути откако Реиналдо Денес бил врзан за креветот. Една минута подоцна лекар ја констатирал неговата смрт.
Портпаролката на затворскиот систем, Аманда Хернандез, потврдила дека имало повеќе неуспешни обиди за пронаоѓање соодветна вена.
На крајот, медицинскиот персонал успеал да ги постави иглите во левото стапало и на левата страна од вратот на осуденикот.
Хернандез тврдела дека сите процедури биле испочитувани и дека поставувањето игли на тие места е дозволено според затворските протоколи.
Таа дури изразила сомневање дека Денес ја преувеличувал болката, бидејќи почнал да се жали пред да му биде даден смртоносниот лек.
Портпаролката посочила и дека осуденикот пријавувал болки во делови од телото каде што немало поставени игли.
Денес бил осуден за убиството на трговецот со дијаманти Јанош Суч, кој во јануари 1996 година бил пронајден застрелан во својата канцеларија во Хјустон.
При грабежот бил ранет и чуварот на зградата, кој преживеал и подоцна го идентификувал Денес како напаѓач.
Од канцеларијата исчезнале дијаманти вредни околу 3,6 милиони долари и приближно 200.000 долари во готовина. Пленот никогаш не бил пронајден.
Неговиот брат, Хозе Алберто Денес, исто така бил вмешан во случајот. Тој признал вина и добил затворска казна од 45 години, а во 2019 година бил условно ослободен.
Егзекуцијата повторно го отвори прашањето за примената на смртоносните инјекции во САД, особено по неуспешното погубување на Криста Пајк во Тенеси во септември.
Таа преживеала две дози од лекот пентобарбитал, а нејзините адвокати тврдат дека супстанцијата не навлегла правилно во крвотокот.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
