Принцот Вилијам има индиско потекло преку својата мајка, принцезата Дијана. Неговата прабаба Елиза Кеварк била родена околу 1790 година во Индија, од мајка-Индијка и татко со ерменско потекло. Нејзината приказна повторно привлече внимание за време на посетата на Вилијам и Кејт Мидлтон на Индија, откако британски „Телеграф“ објави нова сторија за жената од која потекнува британскиот принц.
За откривањето на нејзиното потекло голема улога имала Сузан Харвард, истражувачка и реставраторка на уметнички дела, која повеќе од 20 години ја истражувала нејзината животна приказна. Таа нашла и писма на Елиза напишани на ерменски јазик, кои се чуваат во библиотеката на семејниот имот Алторп, некогашен дом на семејството Спенсер, од кое потекнува Дијана.
Генетската врска била откриена уште во 2013 година, кога истражувачи предводени од доктор Џим Вилсон од Универзитетот во Единбург анализирале ДНК-примероци од две живи потомки на Елиза, кои биле поврзани со Дијана преку непрекината женска линија. Анализата открила редок генетски маркер во митохондријалната ДНК, кој укажува на потекло од Јужна Азија. Резултатите покажале дека Елиза имала индиско потекло од мајчина страна, а не само ерменско, како што претходно се претпоставувало.
Елиза живеела со Теодор Форбс, Шкотланѓанец кој работел за Британската источноиндиска компанија и во Индија пристигнал во 1809 година. Нивната врска не била прифатена од неговото аристократско семејство, кое не сакало тој да живее со неа и нивните деца во Бомбај. Во официјалните документи Елиза била заведена како негова куќна помошничка, наместо како сопруга. Истражувачката нашла и писмо во кое семејството му порачувало на Форбс да живее „со должно достоинство“.
Нивната ќерка Кетрин, позната како Кити, била испратена во Шкотска, со намера подоцна да ѝ се придружи и татко ѝ. Нивниот син Александар останал во Индија со Елиза. Форбс починал во 1820 година, за време на патување со бродот „Бленден Хол“, оставајќи ја Елиза во тешка финансиска положба. Според неговиот тестамент, нејзиниот месечен надомест бил намален на 100 рупии, додека ќерката Кити добила 50.000 рупии. Во 1834 година Елиза побарала финансиска помош од роднина на Форбс, но по таа епизода нејзината трага се губи во историските записи.
Кити подоцна се омажила за Џејмс Кромби, а нивните потомци постепено станале дел од британските повисоки општествени кругови. Една од семејните линии водела до Рут Рош, чија ќерка Френсис се омажила за Џони Алторп, идниот гроф Спенсер. Нивна ќерка била принцезата Дијана, мајка на принцот Вилијам.
Харвард смета дека е време британскиот престолонаследник јавно да го признае ова потекло.
– Мислам дека конечно дојде моментот принцот Вилијам да каже: Се гордеам со индиското потекло што го имам – рекла таа за „Телеграф“.
Интересно е што митохондријалната ДНК се пренесува од мајка на дете, но мажите не им ја пренесуваат на своите деца. Тоа значи дека Вилијам ја наследил оваа генетска трага преку мајчината линија, но не може да ја пренесе на своите потомци.

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
