Топ Вести - Слушај сега
Подводните фотографии и видео снимки на влезот на каналот Студенчишта во Охридското Езеро , ексклузивно за Охридскај направени од ВОДЕН СВЕТ ПРЕСПА и АКВАТЕК , ја открива вистинската состојба на местото кое официјално се нарекува „природен биофилтер”. Тоа е слика на занемарување, отпад и институционална рамнодушност.
Дното на каналот Студенчишта, снимено под вода, изгледа вака: расфрлани предмети, натрупан мул, изгнилени трупчиња, разновидни отпадоци , сè на само неколку метри под површината на водата на местото кое влегува во самото Охридско Езеро. Ова е „филтерот” за кој еколошките организации Охрид СОС и другите со години се борат да биде заштитен. Ова е трската!
И токму тука се наметнува прашањето кое никој не смее да го избегне: ако ова е „филтерот” , тогаш за што всушност филтрира? За да прими уште повеќе отпад?
Постои еден факт кој денешната генерација речиси целосно го заборавила, а постарите Охриѓани добро го паметат: сè до почетокот на деведесеттите години на минатиот век, државата редовно и организирано вршеше стрижење на трската долж охридскиот крајбрежен појас , вклучувајќи го и каналот Студенчишта.
Трската во тоа време не беше оставена сама на себе. Се знаеше дека е паразит кој се шири неконтролирано доколку не се управува со неа , но истовремено се знаеше и дека контролираната трска е непроценлив природен биофилтер. Затоа постоеше рамнотежа: трската се стрижеше, се одржуваше, каналите се чистеа, а влезот во каналот Студенчишта редовно се одржуваше и беше без отпад и без наслаги.
Пред и по 1990: споредба на состојбата
До 1990 година
Денес, 2026 година

По 1990 година, со распадот на старите државни механизми за одржување, сето тоа запре. Никој не преземе одговорност. Трската почна да расте неконтролирано, каналот почна да се затрупува, а влезот во езерото стана место за накупување на сè она што водата ќе го донесе или човекот ќе го истури.
Трската е природен биофилтер на езерото , таа го прочистува од загадување, обезбедува живеалиште за птици и риби, и е мрестилиште за краповидните видови. Но неконтролираната трска е и агресивен колонизатор , без управување, таа го задушува каналот, го блокира протокот на вода и самата станува складиште на наслаги и отпад наместо да ги филтрира.
Токму тоа го разбираше државата пред 1990 , дека трската бара управување, не напуштање. Денес, наместо управување, имаме две крајности: или целосно запоставување (каков е случајот со каналот Студенчишта), или варварско палење и уништување на трска на други локации долж крајбрежјето. И двете се погрешни. И двете ја уништуваат функцијата на биофилтерот.
Каналот Студенчишта е локација за која УНЕСКО постојано бара заштита. УНЕСКО во 2025 година формално констатирал дека состојбата на зачуваност се влошува и дека се исполнети услови за впишување на „Списокот на загрозено светско наследство”, ако не се спроведат корективни мерки , меѓу кои и заштита на мочуриштето Студенчишта. Рокот за доставување извештај до УНЕСКО беше 1 февруари 2026 година.
А додека институциите доставуваат извештаи, каналот Студенчишта останува жариште на биодиверзитет кое на хартија е заштитено, а во стварност е препуштено само на себе и на она што Охридскај го документираше под вода.
Колекторскиот систем околу езерото, изграден во 1988 година, протекува и отпадните води се излеваат директно во езерото, а за санација се потребни околу 1,4 милиони евра кои сè уште не се обезбедени. Тоа значи дека во каналот Студенчишта , кој треба да биде „филтер” , влегуваат и отпадоци кои доаѓаат директно со водата.
Редакцијата Охридскај поставува конкретно барање до Општина Охрид, Министерството за животна средина и Јавното претпријатие „Колекторски систем”: кога последен пат е вршено физичко чистење на влезот на каналот Студенчишта? Кој е одговорен за одржувањето на овој простор? И зошто практиката на редовно стрижење и одржување на трската, која постоеше до 1990 година, не е обновена?
Фотографиите кои ги публикуваме не се резултат на случаен превид. Тие се документ. Документ за тоа каква е вистинската состојба на местото кое во официјалните документи и изјавите за медиуми се нарекува „природен биофилтер” и „жариште на биодиверзитет”.
Охридскај ќе продолжи да го следи и документира загадувањето на каналот Студенчишта и Охридското Езеро. Езерото е постаро од четири милиони години. Тоа го преживеало сè. Прашање е само дали ќе не преживее и нас.
Фотографиите и видео материјалите се снимени на влезот на каналот Студенчишта и се во поседот на редакцијата Охридскај.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
