Британскиот музичар Енди Тејлор, оригиналниот гитарист на легендарната група „Дуран Дуран“, почина на 65 години. Неговата смрт ја потврдија семејството и членовите на бендот, соопштувајќи дека починал по „долга и храбра борба со ракот на простатата“.
Според семејството, тој починал во понеделникот (23.ноември), во својот дом, опкружен со најблиските.
– За светот, Енди беше брилијантен гитарист, но за нас беше најпрекрасниот сопруг, татко полн со љубов и најгордиот дедо. Тој беше столбот на нашето семејство. И покрај сите неверојатни искуства што му ги донесе музиката, семејството секогаш му беше на прво место. Ништо не го правеше посреќен од тоа да нè има сите заедно, а колку и да го однесеше музиката далеку, неговото срце секогаш беше дома.
Енди ги помина последните неколку години со огромна храброст и решителност. Никогаш не се откажа, се бореше до самиот крај и никогаш не ја изгуби љубовта кон животот. Љубезноста и поддршката што му ги покажуваа обожавателите од целиот свет за време на неговата болест му донесоа огромна утеха и сила, и за тоа засекогаш ќе им бидеме благодарни.
Енди знаеше колку длабоко беше сакан, а тоа ни носи голема утеха. Ќе ни недостасува секој ден – напиша неговата сопруга Трејси.
Од него се простија и Сајмон Ле Бон, Ник Роудс, Џон Тејлор и Роџер Тејлор, неговите колеги и пријатели од бендот:
– Енди беше тука уште на самиот почеток на нашата приказна. Од моментот кога пристигна во Бирмингем од североисточна Англија, со гитара и непоколеблива верба во она што можеме да станеме, внесе оган и самоувереност во нашата музика. Неговото свирење ги движеше песните што нè однесоа низ целиот свет, а со својот сув хумор, на кој му парираше само неговиот прекрасно неромантизиран и директен поглед кон животот, нè држеше цврсто на земја и му даваше препознатлива острина на бендот во неверојатните години што следуваа.
Беше прекрасно повторно да создаваме музика со него кога оригиналната петорка повторно се обедини во раните 2000-ти. Тоа време поминато заедно, и на сцената и во студиото, значеше неизмерно многу за сите нас. Кога во 2022 година бевме примени во Куќата на славните на рокенролот, Енди беше премногу болен за да ни се придружи, но неговите зборови таа вечер ги потсетија сите на неговата сила и на врската што ја споделувавме.
Енди беше дел од фантастичната петорка, како што ја нарекуваа групата „Дуран Дуран“ британските медиуми, од 1980.година.
Групата ја достигна светската слава со албумот „Rio“ од 1982 година, а гитарските партии на Тејлор беа клучен дел од нејзиниот звук. Песните „Hungry Like the Wolf“, „Girls on Film“, „The Reflex“ и „Rio“ станаа хитови, а видеоспотовите на бендот помогнаа да се создаде новата ера на музичката телевизија.
„Дуран Дуран“ беа меѓу првите бендови што ја искористија моќта на МТВ, комбинирајќи поп, рок, мода и визуелен спектакл.
Во 1984 година, Тејлор и басистот Џон Тејлор, кој не му е роднина, ја основаа групата „Пауер стејшн“ заедно со пејачот Роберт Палмер и тапанарот Тони Томпсон од „Шик“. Нивниот хит „Some Like It Hot“ стигна до врвот на американските топ-листи, а Тејлор подоцна се врати во „Дуран Дуран“ за да ја сними песната „A View to a Kill“, насловната тема за филмот за Џејмс Бонд.
Но, зад огромниот успех се криеја и тензии. Тејлор го напушти бендот во 1986 година, а подоцна се врати за албумот „Astronaut“ од 2004 година. Повторно се разделија во 2006 година. Во своите мемоари „Wild Boy: My Life in Duran Duran“ од 2008 година, тој отворено пишуваше за турбулентните години, зависноста од кокаин и проблемите во бендот.
Во 2018 година му бил дијагностициран рак на простатата во четврти стадиум, со метастази. За болеста јавно проговори во 2022 година, кога „Дуран Дуран“ беа примени во Куќата на славните на рокенролот. Поради лекувањето не можеше да присуствува на церемонијата, но испрати писмо во кое им се заблагодари на колегите и се потсети на нивниот заеднички успех.
По објавувањето на дијагнозата, Тејлор продолжи да работи на музика. Во 2023 година го издаде албумот „Man’s a Wolf to Man“, неговото прво соло-издание по повеќе од три децении. Во изјавата по неговата смрт, Сајмон Ле Бон рече дека Тејлор никогаш не го избирал лесниот музички пат и дека неговата гитара ги туркала напред, создавајќи звук што и денес опстојува.
Енди Тејлор се ожени со Трејси Вилсон во 1982 година. Зад себе ги остави сопругата, четирите деца и внукот. И покрај бурните години и разделбите, неговите колеги од „Дуран Дуран“ истакнаа дека го паметат како човек со остар хумор, силен карактер и музичка енергија што никогаш не згаснала.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
