Background

ХРВАТИТЕ ГО ПРЕПОРАЧУВААТ СКОПЈЕ ЗА ВИКЕНД-ПАТУВАЊЕ

Ретко кој град во регионот предизвикува толку спротивставени емоции уште при првата средба како македонската престолнина. Скопје е град на контрасти, со посебен шарм, слоевита историја, срдечни жители и архитектура во која се испреплетуваат различни стилови и епохи.

Со овие зборови хрватскиот портал „tportal“ го започнува текстот „Викенд во Скопје: Што сè да видите и вкусите во македонската престолнина“, во кој го препорачува главниот град на Македонија како дестинација за кратко викенд-патување, но и за подолг престој.

Камениот мост, плоштадот Македонија, споменикот „Воин на коњ“, Старата чаршија, Скопското Кале и кањонот Матка се само дел од знаменитостите и локациите што, според хрватскиот медиум, вреди да се посетат.

- Advertisement -
Ad image

– Штом ќе го преминете мостот и ќе се најдете на северниот брег на Вардар, ќе влезете во Старата чаршија, една од најголемите и најдобро зачувани отомански трговски четврти на Балканот. Нејзините тесни, калдрмисани улички кријат автентични златарници, стари занаетчиски работилници, чајџилници и историски амами претворени во галерии. Откако ќе се одморите со турско кафе варено на песок и свежа баклава, продолжете нагоре кон тврдината Кале. Моќните камени ѕидини од шестиот век нудат панорамски поглед кон покривите на стариот град, новиот центар и планината Водно во заднина – се наведува во текстот.

Како место на кое посетителите можат да го почувствуваат локалниот менталитет и начинот на живот, „tportal“ го издвојува Дебар Маало.

– За вистински да го запознаете локалниот менталитет и опуштениот начин на живеење, упатете се кон населбата Дебар Маало, гастрономското и боемско срце на престолнината. Таму се наредени традиционални кафеани, во кои вечерите често се претвораат во спонтани прослави со жива староградска музика. На маса се седи со часови, а гозбата започнува со домашен ајвар и пинџур со топли лепчиња, продолжува со гравче-тавче, свежа шопска салата и сочни скопски ќебапи, а сето тоа е проследено со голтки домашна лозова ракија или квалитетен локален „вранец“ – пишува авторот на текстот.

За оние што сакаат да се оддалечат од градската врева и да уживаат во природата, хрватскиот портал предлага посета на кањонот Матка.

– Кога ќе посакате да се одморите од урбаниот ритам, на само половина час возење од центарот на градот ве очекува кањонот Матка, едно од најимпресивните природни прибежишта во земјата. Смарагднозелената вода на реката Треска најдобро е да ја истражите со изнајмен кајак или со пловидба во дрвен чамец што води до мистериозната пештера Врело, една од најдлабоките подводни пештери во Европа. Посебен впечаток оставаат и драматичните варовнички карпи, во кои се сместени вековни средновековни манастири – пишува „tportal“.

Меѓу знаменитостите што ги препорачува за посета се и Спомен-куќата на Мајка Тереза и планината Водно, која ја издвојува како идеално место за завршување на денот.

– Многу посетители ги изненадува податокот дека славната нобеловка е родена токму во Скопје, во 1910 година. Затоа, на пешачката улица Македонија вреди да се посети необичната Спомен-куќа на Мајка Тереза, мултимедијален простор со меморијален музеј во кој се чуваат нејзини фотографии, документи и лични предмети. Совршен завршеток на денот е искачувањето со жичницата до врвот на блиската планина Водно, каде што од просторот околу 66-метарскиот Милениумски крст се отвора величествен поглед кон целата Скопска Котлина, осветлена од вечерните светла – стои во текстот.

Написот „Викенд во Скопје: Што сè да видите и вкусите во македонската престолнина“ е споделен и на официјалната страница на „tportal“ на „Facebook“.

– Барате идеја за кратко патување, а да не мора да одите далеку? Скопје би можело пријатно да ве изненади. Од интересни знаменитости и живописни улици до одлична македонска храна и богата култура – македонската престолнина има многу што да понуди – објави хрватскиот портал.

Под објавата има позитивни коментари од читателите, но и дополнителни предлози за места што вреди да се посетат во Скопје. Меѓу нив се споменуваат комплексот „Македонско село“, Градскиот парк, паркот во Сарај и Музејот на Македонија.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

✖

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

✖

Stop following

Unfollow Cancel

✖

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation

✖