Популарен моден бренд за облека и костими за капење се најде на удар на жестоки критики откако беше обвинет дека дигитално ги менува телата на манекенките во рекламните видеа. На снимките, според критичарите, им ги стеснувале половините и им ги издолжувале нозете, иако станува збор за жени кои и без тоа имаат изразено витки и атлетски фигури.
– Апсолутно одвратно – реагираше фитнес-тренерот Џексон Џонсон, кој го отвори прашањето за нереалните стандарди за убавина што ги наметнува модната индустрија.
Станува збор за брендот Aurela Hoxha, кој има стотици илјади следбеници на Инстаграм и редовно објавува видеа во кои манекенки ја промовираат новата колекција облека и костими за капење. Токму во едно од тие видеа корисниците забележале необични промени во изгледот на телата, по што започнала расправата за употребата на дигитални филтри.
Џонсон, фитнес-тренер кој често зборува против нереалните телесни идеали, објави видео во кое ги анализира рекламните снимки. Тој посочи дека со помош на дигитални алатки на манекенките им биле стеснувани половините, а нозете им биле издолжувани за да се постигне уште поизразен ефект.
– Она што овој бренд им го направил на своите манекенки е апсолутно одвратно. Им го менувале изгледот на телата со филтри за да им ги стеснат половините и да им ги издолжат нозете, веројатно за видеото да стане повирално – реагира тој. Додал дека девојките и онака се изложени на огромен притисок поради изгледот и дека ваквите содржини дополнително ги наведуваат да мислат дека не се доволно убави или слаби.
Џонсон, зумирајќи го видеото објавено на профилот на брендот, укажа на делот во кој се чини дека стомакот на манекенката ја менува формата.
– Што, вашите манекенки и онака не изгледаат доволно добро? Морате да им ги менувате телата? Мислам, каде е границата? – прашува тој, повикувајќи го модниот бренд да го отстрани видеото, да ѝ се извини на публиката и да преземе одговорност за штетните дигитални измени.
Неговата објава предизвика бројни реакции. Многумина застанаа на негова страна, прашувајќи зошто воопшто се прибегнува кон вакви интервенции кога манекенките веќе имаат одлични фигури. Се огласија и жени кои се претставуваат како манекенки, изразувајќи шок од тоа што некој смета дека нивниот природен изглед треба дополнително да се коригира.
За проблемот зборувал и д-р Армин Ашенберг, експерт за вештачка интелигенција и право од Универзитетот „Вестерн Сиднеј“. Тој забележал момент во видеото во кој се чини дека формата на телото на манекенката се менува, речиси како да станува збор за техничка грешка. Сепак, не можел со сигурност да потврди дека е користена вештачка интелигенција.
Ашенберг советува дека при сомнеж за дигитална манипулација треба внимателно да се следат контурите на телото, движењето на позадината, текстурата на облеката и кожата, како и сенките и одразите. Ненадејните промени во овие детали можат да откријат дека снимката е дигитално обработена.
Тој предупредува дека ваквите манипулации стануваат толку напредни што сè потешко е само со гледање да се разликува реалното од лажното. Особено загрижува фактот што публиката може да се споредува со тела кои воопшто не изгледаат така во реалноста, без да знае дека гледа дигитално изменета слика. Повторувањето на ваквите содржини може да ги зацврсти нереалните стандарди за убавина и да придонесе за незадоволство од сопствениот изглед, особено кај помладите.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
