Германската војска од 24 до 26 септември во Хамбург спроведе тридневна воена вежба „Red Storm Charlie“, во рамки на која беше увежбувано можно кризно и воено сценарио на територијата на Германија.
„Red Storm Charlie“, заедничка вежба на германската војска, полицијата и цивилните служби, опфати околу 1.700 учесници, меѓу кои околу 500 припадници на Бундесверот. Вежбата беше спроведена во соработка со противпожарните и спасувачките служби, државните институции и цивилни компании.
Вежбата требаше да провери како би функционирал планот на Бундесверот во услови на сериозна криза, кога Германија би станала главен транзитен коридор за силите на НАТО кон источното крило на Алијансата.
Во Хамбург, најголемото германско морско пристаниште, се симулираше пристигнување на сојузнички сили, чија улога ја имаа германски војници. Потоа тие требаше да се движат низ градот кон исток, соочувајќи се со различни пречки, меѓу кои саботажи и протести кои го отежнуваат транспортот.
Вежбата е поврзана со поширокиот „Оперативен план Германија“ (Operationsplan Deutschland), кој ги утврдува подготовките за можни кризни и одбранбени ситуации и начинот на кој земјата би ги поддржала движењата на сојузничките сили низ својата територија. Според сценариото на вежбата, во случај на сериозна криза, Германија би имала клучна логистичка улога во префрлањето на војници и воена опрема кон источното крило на НАТО.
– Станува збор за многу детален и строго доверлив план кој одредува каде би се истоварувале сојузниците на НАТО во Германија и по кои правци би продолжиле – објаснува безбедносната аналитичарка Ајлин Матле, членка на Германскиот совет за надворешни односи (DGAP).

Според процените на НАТО, балтичкиот регион и понатаму се смета за подрачје со значителен ризик во случај на евентуална руска агресија.
Во такво сценарио, големи контингенти на сојузнички сили би морале брзо да бидат префрлени кон источната граница на Алијансата, што би значело дека голем број војници од западна и јужна Европа би минувале токму низ Германија.
Марсел Бонерт, офицер на Бундесверот кој учествувал во изработката на првата верзија на планот, вели дека проекциите се исклучително амбициозни.
– Во рок од шест месеци низ Германија би требало да поминат околу 800.000 војници и приближно 200.000 возила – рекол Бонерт.
Според него, задачата на Германија би била да обезбеди безбеден премин, логистика, сместување, храна и насочување на сојузничките сили низ својата патна мрежа.
Планот предвидува и транспорт во спротивна насока, односно евакуација на ранети или цивили од исток кон запад.
Изработката на „Оперативниот план Германија“ ја наредил генералниот инспектор на Бундесверот, Карстен Бројер, по руската инвазија врз Украина во 2022 година.
Германските власти во последните години предупредуваат на зголемен број руски хибридни активности, меѓу кои сајбер-напади, шпионажа и саботажи.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус оцени дека заканата станува „сериозна, акутна и сè повидлива“.
– Официјална Москва ја тестира нашата реакција – предупреди Писториус во Бундестагот.
Дебатата за доверливоста на „Оперативниот план Германија“ дополнително се засили по изборниот успех на десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) во покраината Саксонија-Анхалт.
Некои безбедносни експерти изразија загриженост дека политичари од оваа партија, која нејзините политички противници често ја опишуваат како проруска, би можеле да дојдат до чувствителни информации. Германското Министерство за одбрана, сепак, ги отфрла таквите стравувања.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
