Фудбалскиот ас Кристијано Роналдо си замина од кампот на Португалија, додека во земјата се зборува за можниот крај на неговата 23-годишна репрезентативна кариера, исплива необичен детаљ од потрагата по наследник на Роберто Мартинез – Жозе Мурињо бил меѓу тренерите кои не сакале да ја преземат селекцијата додека Роналдо е во неа.
Според „АС“, Португалската фудбалска федерација веќе подолго време се подготвувала за разделба со својата најголема ѕвезда. Раководството очекувало Роналдо самиот да го објави повлекувањето по Светското првенство, но тоа не се случило.
Во периодот кога Федерацијата барала наследник на Роберто Мартинез, разговарала со повеќе тренери. Некои од кандидатите, според шпанскиот весник, поставиле јасен услов – би ја презеле Португалија само доколку Роналдо повеќе не биде дел од репрезентацијата.
Еден од нив бил токму Мурињо. „АС“ претходно објави дека Португалската федерација го контактирала искусниот тренер и дека тој бил еден од главните кандидати за селекторската функција. Мурињо на крајот го избрал Реал Мадрид, а Португалија му ја доверила репрезентацијата на Жорже Жесус.
Новиот детаљ добива дополнителна тежина токму сега, откако односите меѓу Роналдо и Жесус ескалираа.
Одлуката натпреварот против Норвешка да го почне на клупата била непосредниот повод за судирот. Жесус јавно застана зад својата одлука, а Роналдо потоа го напушти репрезентативниот камп во Копенхаген. Португалската федерација официјално потврди дека тој повеќе не е со тимот.
Роналдо при заминувањето им посакал среќа на соиграчите, што во Португалија било протолкувано и како можно конечно збогување со националниот дрес. Сепак, официјална објава дека ја завршил репрезентативната кариера сè уште нема.
Федерацијата, според „АС“, всушност очекувала таква одлука уште по елиминацијата од Шпанија на Светското првенство. Роналдо решил да продолжи и стигнал до 234 настапи и 146 голови за Португалија.
Во меѓувреме се огласи и самиот Мурињо. Тој оцени дека Роналдо и натаму може да биде важен за репрезентацијата, но дека на 41 година мора да прифати поинаква улога и дека повеќе не може да очекува да биде стартер на секој натпревар.
– Кристијано е победник. Тој го има тоа его затоа што 20 години тоа его носеше голови, титули и рекорди. Но сега мора да го скроти – изјави Мурињо.
Тој застана и зад правото на Жесус самиот да одлучува кој ќе игра.
– Играта не го чека. Телото повеќе не е исто. Сите го знаат тоа, го знае и тој – рече Мурињо.
Роналдо засега не објави дека се повлекува од репрезентацијата. По заминувањето од кампот порача дека „во свое време“ ќе им ја каже на Португалците вистината за причините поради кои ја напуштил селекцијата.
Тензијата почна неколку дена претходно, кога Жесус го остави Роналдо на клупата во победата од 2:1 над Норвешка. Селекторот првично планирал да го внесе во второто полувреме, но се премислил, а Роналдо по последниот свиреж заминал директно во соблекувалната наместо со соиграчите да ги поздрави навивачите.
Следните два дена тренирал одвоено во сала, иако од Федерацијата не била пријавена повреда.
Работите кулминирале во Копенхаген. Жесус на прес-конференција тврдеше дека нема конфликт и најави дека Роналдо ќе тренира, но капитенот не излегол на теренот и го напуштил кампот.
Подоцна Роналдо соопшти дека одлуката ја донел по разговор со претседателот на Федерацијата Педро Проенса и порача дека „во свое време“ ќе ја каже вистината за причините за заминувањето. Федерацијата го потврди неговото заминување, но не објави дека тој се повлекува од репрезентацијата.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
