Во Бугарија има поделени реакции – од еуфорија до критики, по договорот Атина да ѝ ги даде на Софија останките на цар Самоил, во замена за реликвии кои од грчки манастири биле однесени во Бугарија за време на Првата и втората светска војна.
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, одговарајќи на новинарско прашање, го поздрави враќањето на останките на цар Самоил во Бугарија, но рече дека сака да знае што ќе даде Софија во замена.
-Им честитам ако можат да ги донесат, но сепак сакам да знам што ќе дадеме ние. А токму тоа никој не го знае. Може да не е поволно за Бугарија. Нека ја објасни одлуката тој што ја донел – рече Борисов.
Тој потсети дека самиот преговарал за тоа уште во времето кога Костас Караманлис бил премиер, потоа со Андонис Самарас, со Алексис Ципрас и со Киријакос Мицотакис, но секогаш клучното прашање било: што ќе се размени? Бугарски историчари и експерти му укажувале дека тоа што се предлага за размена „не е поволно за Бугарија” и затоа тогаш не била донесена политичка одлука. Од тие причини, во време на неговиот прв кабинет била формирана комисија за да ги процени можните опции.
Горан Благоев, бугарски историчар и автор на документарниот филм „Островот на цар Самоил“ вели дека не може некритично да ја сподели сенародната еуфорија ниту вистински да се радува на одлуката.
„На почетокот, едно појаснување: Грција не ни ги враќа, туку ни ги ДАВА!“, пишува тој на Фејсбук.
„Вообичаено, се разнесуваат мошти на светците. Коските на покојниците, без разлика дали тие биле и владетели, почиваат на местото каде што биле погребани. Ако сегашната бугарска политичка елита се грижи за историската вистина, требало да инсистира коските на цар Самоил да бидат повторно погребани во црквата „Свети Ахил“, пишува Благоев.
Тој наведува дека вредностите што Софија треба да ги даде на Атина не биле украдени од страна на Бугарија за време на Првата светска војна, туку биле бугарски, спасени и однесени на сигурно место – во Софија.
„Не сме го краделе туѓото, туку сме го спасиле своето“, потенцира тој.
Според Благоев, за препогребување на коските на цар Самоил – таму каде што се најдени – требало да настојуваат и бугарските политичари и научниците кои ги советуваат, а во спротивното препознава политичка конјуктура.
„Но првосигналниот патриотизам, чија цел очигледно е донесувањето на коските да го претвориме во предизборна иницијатива за поддршка на Јотова и во политички акт за да им истриеме носовите на северно-македонците, тој првосигнален и пештерски патриотизам ќе ни донесе лавина од проблеми“, наведува Благоев.
Притоа посочува какви проблеми ќе предизвика преседанот со „реципроцитетот“ во размената на вредности.
„На истиот начин сме дејствувале и во Вардарска Македонија и во западните покраини. И токму тука лежи големата опасност (…) Во Скопје и во Белград исто ќе побараат – врз основа на веќе создадениот преседан, да им вратиме вредности што се земени од нивна територија, но всушност се со бугарско потекло. Што ќе прават тогаш Радев и Јотова. За што ќе ги заменат?“, прашува Благоев.
Јавно го прашува тој политички тандем, дали вреди да ги жртвуваат вредностите заради коските на цар Самоил – кои, макар и чувани во Византискиот музеј во Солун – досега биле недвосмислена потврда дека неговото кралство се протегало сè до Северна Грција.
„Дали иницијаторите на оваа политичка трговија сфаќаат каков цинизам создаваат – останките на владетелот, кој 40 години го бранел бугарскиот суверенитет од Византија, денес неговите потомци ги тргуваат со наследниците на истата таа империја. Мислам дека самиот Самоил нема да ни прости за ова“, оценува Благоев.
Tagged as:
Цар Самоил нема да им прости на Бугарите за селењето на коските
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
