Демонстранти трет ден по ред протестираат во шпанскиот главен град Мадрид, барајќи посилна заштита за кираџиите, мерки против измамите и забрана за принудно иселување станари во услови на недостиг на станови и вртоглав раст на кириите и кога не постои можност за алтернативно сместување.
Протестите беа поттикнати откако во средата 87-годишната, Марија дел Кармен Абаскал, била истерана од станот во Мадрид кој живеела седум децении.
Некои од демонстрантите ноќта меѓу саботата и неделата ја поминаа во камп со шатори на плоштадот „Пуерта дел Сол“, по првиот протест во саботата на кој, според организаторите, се собраа десетици илјади луѓе.
„Ситуацијата со домувањето е неодржлива. Сите сме на улиците затоа што ни е доста“, изјави 27-годишната актерка Наталија Наваро, која беше меѓу демонстрантите кои ноќта ја поминаа на плоштадот.
„Бранот на огорченост и гнев што беше ослободен веќе не може да се запре“, изјави Алисија дел Рио, портпаролка на Синдикатот на станари во Мадрид што ги предводи протестите.
На 23 септември, 87-годишната Абаскал била иселена од станот на носилка и пренесена со амбулантно возило, додека нејзините поддржувачи го извикувале нејзиниот псевдоним „Марикармен“.
„Не успеав да го одбранам својот дом, но се борев за другите да можат да научат да се борат за она што е нивно“, изјави Абаскал во видео снимено од болничкиот кревет.
Таткото на Марија дел Кармен Абаскал првпат го изнајмил станот во 1956 година. Таа продолжила да биде станарка по смртта на нејзините родители, при што во тој период важел ограничен режим на кириите, објавија локалните медиуми.
Зградата го сменила сопственикот во 2018 година, а на Абаскал ѝ била понудена можност да го купи станот, но таа не можела да си го дозволи тоа.
Инвестицискиот фонд „Урбагестијон“ (Urbagestion) што подоцна го купил имотот, ѝ ја зголемил месечната кирија од 500 на 2.650 евра. Подоцна киријата била намалена на 1.650 евра, но Абаскал од пензијата сепак не можела да си дозволи да ја плаќа таа сума, наведе организацијата.
Се очекува шпанската Влада утре да објави нови мерки за справување со станбената криза. На собир на владејачката Социјалистичка партија во Мадрид, шпанскиот премиер Педро Санчез ѝ се обрати на Абаскал со порака.
„Имам порака за тебе, Марикармен: Владата работи дење и ноќе за да донесе кралска уредба за домувањето следниот вторник. И ги повикувам парламентарните групи да направат последен напор и да ја усвојат во националниот парламент“.
Растечките цени и недостигот од станови го прават пазарот на недвижности недостапен за многу Шпанци, и покрај тоа што се работи за четвртата по големина економија во Европа.
Кириите во просек се удвоија во изминатата деценија, далеку надминувајќи го растот на платите. Шпанија има дефицит од 750.000 домови, според централната банка. Само околу 120.000 се градат секоја година, што е една шестина од нивото пред финансиската криза во 2008 година.
Владата на Санчез е обвинувана за неуспехот да го реши проблемот со домувањето во нејзините осум години на власт.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
