Земјава треба да пристапи кон женевскиот акт на Лисабонскиот договор за да создаде правна можност географската ознака „македонски рубин“ во иднина да биде пријавена и за меѓународна заштита, информира денеска министерката за енергетика и рударство Сања Божиновска.
Досега е завршена постапката во македонските институции по која е добиено решение од Државниот завод за индустриска сопственост со кое географскиот назив „македонски рубин“ доби правна заштита.
– Државниот завод за индустриска сопственост веќе ја достави иницијатива земјава да пристапи кон женевскиот акт, ја поднесе до Владата, сега чекаме таа да се произнесе. По донесувањето на одлуката, ќе следуваат соодветни постапки за формално пристапување и ратификација, а потоа и натамошни чекори за меѓународна заштита на географската ознака. Меѓународната препознатливост почнува со јасен, кредибилен и функционален систем во нашата држава. Поради тоа, паралелно со правната заштита воспоставуваме систем на сертификација, евиденција и мониторинг – рече Божиновска.
Комисијата го подготви правилникот за работа, институциите ги усогласуваат сите правни и практични елементи, кои се потребни системот да функционира. Во тек е и изработка на новиот закон за рударство, во кој прашањата поврзани со практичната примена на заштита на географската ознака „македонски рубин“ ќе бидат соодветно уредени и усогласени.
-Целта е да имаме јасна правна основа за пријавување, евидентирање и следење на корундовиот материјал, како и ефикасни механизми за спречување неправилно, недокументирано или неовластено користење на заштитениот назив – рече Божиновска.
По завршување на сите процедури, рече таа, ќе почне официјалното и детално информирање на занаетчиите, обработувачите, производителите, трговците, потенцијалните овластени корисници и сите други релевантни чинители. Ќе биде воспоставен јавен регистар на физичките и правните лица што се занимаваат со вадење, обработка, промет или продажба на македонскиот рубин во согласност, секако, со утврдените законски услови.
– Ние сакаме да имаме јасен систем, транспарентен, достапен и функционален. Одиме чекор по чекор: од геолошко богатство кон заштитено име, од заштитено име кон сертифициран производ, од сертифициран производ кон препознатлив национален бренд и од национален бренд кон нова економска вредност за Македонија. Нашата крајна цел е секој што ќе го слушне името македонски рубин да знае дека зад тоа име стојат автентично потекло, проверен квалитет, јасен стандард и секако институционална гаранција. Сакаме македонскиот рубин да стане пример за тоа како државата може да го заштити своето природно богатство, да го поврзе со знаењето и традицијата и да создаде производ со повисока вредност и меѓународен потенцијал – рече Божиновска.
Таа информира и дека македонскиот рубин ќе добие сертификат за потеклото, квалитетот и посебните својства, но и QR-код преку чие скенирање корисникот ќе ги добие сите информации содржани во сертификатот. Првиот код се очекува да биде изготвен до крајот на октомври.
Името македонски рубин, потенцира министерката, ќе може да се користи само кога се исполнети утврдените услови: кога е потврдено потеклото, кога постои документација, кога е извршена стручна контрола и кога производот ги исполнува критериумите утврдени со елаборатот, правилникот и законската рамка.
-Кога граѓани, туристи, странски купувачи ќе го видат македонскиот рубин, треба да бидат сигурни дека зад тоа име стојат автентично потекло, проверен квалитет и секако институционална гаранција. На тој начин создаваме доверба во производот, но истовремено ја зголемуваме и неговата пазарна вредност – рече Божиновска.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
