Постои еден системски проблем во македонското медиумско милје, кој на некој начин потсетува на симболиката од романот „Тврдина“ на Меша Селимовиќ. Тврдината во романот е и реална градба и симбол на секој човек, секоја заедница и секоја идеологија затворена сама во себе, а излегувањето од таа тврдина значи влегување во вистинскиот, хаотичен и разнообразен живот, отворен за различни гледишта и за вистинските човечки вредности. Денес, кога партиските медиуми градат сопствени затворени наративи, наместо мост кон разбирање и кон вистината, тие всушност градат нови тврдини, во кои единствената прифатена вистина е онаа што доаѓа од внатре.
Во најнова колумна објавена на еден портал близок до власта, авторот отворено ја цитира формулата на шефот на нацистичката пропаганда, дека лага повторена доволен број пати наводно станува вистина, а веднаш потоа истата логика ја применува врз опозицијата, обвинувајќи ја за „лаги и спинови“. Иронијата е тешко да се превиди, критика на пропагандата, испишана со самите алатки на пропагандата.
Конкретен повод беше и спорот околу изгубениот грант од 60,77 милиони евра за пругата од Крива Паланка кон границата со Бугарија. Наместо јасен и трезвен одговор кому му е одземена одговорноста, читателите добија серија обвинувања напред и назад, каде обете страни, актуелната власт и претходната власт на СДСМ и на ДУИ, се обвинуваат меѓусебно, додека граѓаните останаа без конкретен одговор зошто по толку години сè уште нема изградена пруга долж овој дел од Коридор 8.
Слична реторика се провлекува и низ делот за тајната дипломатија и преговорите со Бугарија и со Европската Унија. Наместо отворена комуникација со јавноста за чувствителните теми околу уставните промени, читаме за „дозирани информации“ и за обвинувања кон новинарите кои поставуваат прашања, оквалификувани како „опозициски проект“.
Целата приказна потсетува на еден поширок регионален модел, каде партиските медиуми не служат за информирање, туку за градење единствен наратив во кој власта секогаш е во право, а секое прашање од јавноста автоматски се третира како напад (Р.Србија). Граѓаните заслужуваат нешто повеќе од надмудрување помеѓу партиски центри за комуникации, им заслужуваат факти, бројки и одговорност, без разлика која партија е на власт.
На крајот на денот, борбата против дезинформациите не се води со обвинувања кон другите дека лажат, туку со отвореност и со проверливи податоци, нешто што во моментов недостасува кај сите страни во македонската политичка сцена.
Сашо Денесовски
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
