Background

ДВЕ ЖРТВИ ПО ФУДБАЛСКАТА ЕУФОРИЈА ВО ШПАНИЈА

Прославите по победата на Шпанија во финалето на Светското фудбалско првенство завршија со две жртви, повеќе од 80 повредени лица и најмалку 12 приведени низ земјата.

Во Мадрид, во текот на ноќта приведени се седум лица. Петмина се уапсени поради поттикнување омраза по расправија во еден бар, едно лице поради нарушување на јавниот ред и напад врз службено лице на плоштадот Сибелес, каде што се собраа илјадници навивачи, а уште едно лице поради тешка непослушност на плоштадот Пуерта дел Сол, соопшти шпанската влада.

Итната медицинска помош во Мадрид пренела 36 повредени лица во градските болници.

- Advertisement -
Ad image

Во Барселона, каталонската полиција во текот на ноќта приведе три лица поради различни кражби, додека здравствените служби им укажале помош на 29 лица, од кои 24 се здобиле со полесни, а пет со потешки повреди.

Во градот Сиудад Родриго, во покраината Саламанка, оддалечен околу 320 километри од Мадрид, загина 13-годишно момче, а друго дете е во тешка состојба со скршеница на ногата, откако се урна фонтана по која се качувале навивачи. Во несреќата беше повреден и трет малолетник, кој во меѓувреме е пуштен од болница.

Итната служба на регионот Кастиља-Ла Манча соопшти и за смртта на дваесетгодишен млад човек на плоштадот во местото Сонсека. Тој добил конвулзии додека го следел финалниот натпревар и починал.

Во исто време, уште едно 19-годишно момче во тешка состојба било пренесено во болница во Толедо, откако било избодено со нож во местото Сесења.

Во Памплона, град на северот на Шпанија со изразен баскиски идентитет, властите истражуваат напад врз група војници кои натпреварот го следеле во бар. Група маскирани лица вооружени со метални шипки и со телескопски палки нападнала шест лица, меѓу кои тројца војници.

Баскиската полиција „Ертцаинтца“ идентификувала 20 лица во Билбао, каде што група маскирани лица се обидела да го саботира преносот на финалето на голем екран поставен од конзервативната Народна партија (ПП). Во баскиската покраина Алава идентификувани се уште три лица по напад врз маж кој носел дрес на шпанската репрезентација.

Баскија е регион на северот на Шпанија каде што дел од населението се залага за независност.

Во западниот регион Екстремадура, поточно во градот Бадахос, Црвениот крст интервенирал во 34 случаи, а две лица биле пренесени во болница. Во блискиот Касерес уште пет лица биле згрижени во болница, а биле регистрирани и околу 30 полесни медицински интервенции.

Во Валенсија во текот на ноќта беа приведени две лица поради напад врз службени лица, откако за време на прославата фрлале камења кон припадници на локалната полиција. Градските власти соопштија дека прославите во целина поминале „многу мирно“.

Шпанската фудбалска репрезентација синоќа ја совлада Аргентина со 1:0 во финалето на Светското првенство и ја освои својата втора светска титула, прва по триумфот во 2010 година.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation