Осмиот ден од протестите против владата на Еди Рама во Албанија заврши со нови тензии во центарот на Тирана, каде дел од демонстрантите се судрија со полицијата, а припадниците на безбедносните сили употребија водени топови и солзавец за да го растераат собирот.
Еден демонстрант фрли молотов коктел врз канцеларијата на албанскиот премиер Еди Рама, а полицијата одговори со солзавец и водени топови, пренесе „Еуроњуз Албанија“.
Потоа демонстрантите почнале да фрлаат камења кон полицијата, а според првичните информации, полициските службеници испукале и гумени куршуми.
Демонстрантите запалиле канти за отпадоци и ги оставиле на средината на патот за да го блокираат движењето на полициските возила.
Со денови во Албанија има насилни протести. Граѓаните бараат оставка од премиерот Еди Рама, но тој одговори дека власта се менува на избори. За протестите го обвини странскиот фактор.
Синдикатот на вработените на универзитетите во Албанија (SPUSH) денес изнесе пет јавни барања до владата, како поддршка за студентите и за протестите што во моментов се одвиваат низ целата земја, пренесува албанската државна новинска агенција АТА.
Преку официјално соопштение, Синдикатот бара оставка од премиерот Еди Рама и формирање преодна влада, со цел да се обезбеди институционална стабилност и усогласување на владините дејствија со волјата на граѓаните.
Освен ова, универзитетските професори и вработени бараат и прекин на употребата на сила врз демонстрантите, заштита на граѓанските права, како и официјални изјави од странските амбасади лоцирани во Тирана.
„Го повикуваме премиерот Рама да ги земе предвид загриженостите на студентската заедница и да ѝ овозможи на земјата да тргне кон мир. Бараме негова итна оставка и формирање преодна влада, чија задача ќе биде да го врати институционалниот поредок, да ги намали тензиите и да ги усогласи владините дејствија со волјата на јавноста“, се вели во петицијата која ја пренесува АТА.
Од полицијата и другите органи Синдикатот бара веднаш да престанат со секаков вид насилство врз студентите и да одбијат да извршуваат незаконски наредби.
„Не заборавајте дека оние што денес ви ги даваат овие наредби, утре ќе ги негираат, додека одговорноста ќе остане исклучиво на вас, бидејќи граѓаните и медиумите ве снимаат“, додаваат од Синдикатот.
Тие ги повикуваат дипломатските претставништва во Тирана јавно да интервенираат за да се обезбеди почитување на правата на граѓаните, на ист начин како што правата на граѓаните се почитуваат во нивните земји.

