Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски преку соопштение реагираше на критиките на претседателот на СДСМ Венко Филипче, оценувајќи дека ребалансот на Буџетот за 2026 година е доказ за стабилни јавни финансии и продолжување на развојната политика на Владата.
„Не расправаме само за бројка плус или бројка минус. Расправаме за Предлог-ребаланс на Буџетот за 2026 година, документ кој покажува како државата се прилагодува на реалните економски движења, како ги следи приходите, како ги контролира расходите и како ги насочува средствата таму каде што создаваат најголема вредност – рече пратеникот Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, овој Ребаланс е документ за реализирање на проекти и позадоволни граѓани. Овој Ребаланс не е документ на паника. Не е документ кој ја менува економската насока, туку документ кој ја засилува насоката на развивање, раст и напредок.
„Овој документ крати таму каде што нема приоритет, а зголемува таму каде што има развоен, економски и социјален ефект. И затоа денес сакам да зборувам со бројки. Со споредби, факти и економска логика. Да почнеме од главната рамка.
Со предложениот Ребаланс, вкупните приходи се зголемуваат од 374,9 милијарди денари на 379,5 милијарди денари. Тоа е зголемување од 4 милијарди и 575 милиони денари, или 1,2%. Вкупните расходи се зголемуваат од 414 милијарди и 174 милиони денари на 425 милијарди и 774 милиони денари. Тоа е зголемување од 11 милијарди и 600 милиони денари, или 2,8%. Дефицитот се зголемува за 7 милијарди и 25 милиони денари и изнесува 4,1% од проектираниот БДП.
Да бидеме јасни. Суштината не е само дали дефицитот расте. Суштината е за што се користи тој фискален простор. А тука бројките се јасни. Средствата за капитални инвестиции растат од 40 милијарди и 122 милиони денари на 45 милијарди и 936 милиони денари. Тоа е зголемување за капитални проекти од 5 милијарди и 814 милиони денари, или 14,5%. Развојните потпрограми достигнуваат 41 милијарда и 58 милиони денари, што е зголемување од 4 милијарди и 215 милиони денари, односно 11,4%.
Значи, ако некој сака да зборува само за дефицитот, јас сакам да зборувам за структурата на дефицитот. Бидејќи кога капиталните расходи растат за 5,8 милијарди денари, кога развојните потпрограми растат за 4,2 милијарди денари, тогаш не зборуваме за празна потрошувачка. Зборуваме за патишта, железница, општини, водоводи, канализации, пречистителни станици, здравствени установи, училишта, студентски домови, спортски објекти и животна средина.
Тоа е суштината. Овој Ребаланс не треба да се мери само според тоа колку пари се трошат. Треба да се мери според тоа што се создава со тие пари. Ајде да ја видиме реализацијата. Во првите пет месеци од 2026 година вкупните приходи изнесуваат 140 милијарди и 162 милиони денари. Тоа е 5,7% повеќе од истиот период во 2025 година. Даночните приходи се повисоки за 4 милијарди и 691 милион денари, или 6,3%. ДДВ расте за 16,4%. Данокот на личен доход расте 11,7%. Данокот на добивка расте 14,9%.
Месец јуни 2026-та година, е рекорден месец за наплата на царинските давачки во Република Македонија. Кога ќе ги споредите првите 6 месеци од оваа година, со првите шест месеци од 2025 година, врз основа на царински давачки имаме наплатено 50 милиони евра плус ! Ова не се бројки на економија што стои. Ова се бројки на економија што работи. Од расходната страна, во првите пет месеци се реализирани 168 милијарди и 614 милиони денари. Тоа е 13 милијарди и 230 милиони денари повеќе, односно 8,5% раст во однос на истиот период минатата година. Капиталните расходи се зголемени за 4 милијарди и 747 милиони денари, односно 44,8%. Платите и надоместоците се повисоки за 1 милијарда и 613 милиони денари, или 8,4%.
Повторно ќе кажам: капиталните расходи до мај се 44,8% повисоки. Тоа значи дека не зборуваме само за план на хартија. Зборуваме за реализација. На приходната страна, многу е важно да се каже дека Ребалансот не е направен со напумпани даночни приходи. Напротив. Даночните приходи се ревидираат надолу за 911 милиони денари, односно 0,4%. Корекцијата доаѓа главно од акцизите, кои се намалуваат за 1 милијарда и 652 милиони денари, или 4,6%.
И тука треба да бидеме прецизни. Намалувањето кај акцизите не е слабост на системот. Тоа е мерка за ублажување на ценовниот притисок кај горивата. Во исто време, ДДВ се ревидира нагоре за 890 милиони денари. Неданочните приходи растат за 1 милијарда и 965 милиони денари, или 6,8%. Донациите растат за 2 милијарди и 714 милиони денари, односно 36,7%, и достигнуваат 10 милијарди и 108 милиони денари. Тоа значи дека приходната страна е претпазлива. Не се градат приходи на желби.
Се градат приходи на реална наплата, на неданочни приходи, на донации, на претпристапни фондови и на подобра институционална координација. На расходната страна, исто така, да не манипулираме. Овој Ребаланс не зголемува сè.
Платите и надоместоците се зголемуваат за 1 милијарда и 128 милиони денари, достигнувајќи 53 милијарди и 756 милиони денари. Ова се средства за колективни договори и законски обврски. Но расходите за стоки и услуги се намалуваат за 607 милиони денари. Тоа е рационализација, дисциплина и пренасочување од тековна потрошувачка кон приоритети.
Субвенциите и трансферите растат за 3 милијарди и 94 милиони денари, или 10,4%. Овие средства одат за земјоделство, железнички сообраќај, студентски и ученички стандард, породилно боледување, МОЈ ДДВ и други приоритетни расходи.
Социјалните трансфери растат за 2 милијарди и 234 милиони денари. Социјалната компонента останува најголема во расходната рамка, затоа што пензиските обврски, здравствената заштита и таргетираната поддршка за ранливите категории не се политички луксуз, туку обврска на државата.
Капиталните расходи достигнуваат 45 милијарди и 936 милиони денари. Тоа е најсилниот развоен сигнал во целиот документ.
Кога велиме капитални расходи, не зборуваме општо. Другите градежни објекти се зголемуваат за 2 милијарди и 801 милион денари. Капиталните дотации до општините се зголемуваат за 1 милијарда и 683 милиони денари. Купувањето опрема и машини се зголемува за 1 милијарда и 83 милиони денари. Капиталните субвенции за претпријатија се зголемуваат за 899 милиони денари. Најголемо учество во оваа категорија имаат другите градежни објекти со 13 милијарди и 369 милиони денари, опремата и машините со 12 милијарди и 298 милиони денари и капиталните субвенции со 10 милијарди и 532 милиони денари.
Тоа се конкретни ставки. Конкретни пари. Конкретна развојна логика. Ајде да видиме што значи ова по функции. Функцијата заштита на животната средина расте за 1 милијарда и 728 милиони денари, односно 30,8%. Само кај намалување на загадувањето има зголемување од 1 милијарда и 607 милиони денари, или 63,7%. Управувањето со отпад добива 74 милиони денари повеќе.
Социјалната заштита расте за 1 милијарда и 838 милиони денари. За стари лица и детска заштита има 209 милиони денари повеќе. Здравството расте за 1 милијарда и 811 милиони денари, односно 3,1%, а вкупниот буџет достигнува 60 милијарди и 568 милиони денари. Само кај основната здравствена ставка има 1 милијарда и 572 милиони денари повеќе, а кај другите функции на здравството уште 250 милиони денари.
Образованието расте за 1 милијарда и 76 милиони денари. Помошните служби во образованието растат за 414 милиони, високото образование за 220 милиони, средното образование за 172 милиони денари. Живеалишта и развој на заедницата растат за 1 милијарда и 100 милиони денари, односно 45,7%. Водоснабдувањето расте за 259 милиони денари, или 53,4%.
Рекреација, култура и религија расте за 473 милиони денари. Спортските и рекреативните услуги добиваат 249 милиони повеќе, а услугите за културата 229 милиони денари повеќе.
Ова е граѓанскиот превод на Ребалансот. Почист воздух. Подобро здравство. Повеќе образование. Повеќе водоснабдување. Повеќе спорт. Повеќе култура. Повеќе грижа за ранливите категории.
Кај владините програми, децентрализацијата расте за 1 милијарда и 491 милион денари. Најважно — инфраструктурните проекти во единиците на локалната самоуправа растат за 1 милијарда и 685 милиони денари, или 66,1%, и достигнуваат 4 милијарди и 235 милиони денари.
Тоа значи дека општините не се споредна ставка. Општините се централна развојна платформа. Железничката инфраструктура добива 743 милиони денари повеќе, што е раст од 25,3%. Интеграцијата во Европската Унија расте за 1 милијарда и 398 милиони денари, или 49,9%. ИПА се зголемува за 816 милиони денари, руралниот развој за 520 милиони денари.
Инвестициите во образованието растат за 75 милиони, а енергетски ефикасната рехабилитација на студентските домови за 96 милиони денари. Одбраната и безбедноста растат за 563 милиони, а информацискокомуникациските технологии за 55 милиони денари. Развојните потпрограми се клучниот доказ.
Тие достигнуваат 41 милијарда и 58 милиони денари, што е зголемување од 4 милијарди и 216 милиони денари, или 11,4%. Во здравството, развојните потпрограми растат за 94,4%, односно околу 300 милиони денари. Реконструкцијата и доградбата на јавните здравствени установи расте за 187,2% и достигнува 460 милиони денари. Во образованието, развојните потпрограми достигнуваат 2 милијарди и 144 милиони денари, со зголемување од 220 милиони. Инфраструктурните проекти во општините растат за 120 милиони, а студентските домови преку енергетска ефикасност за 96 милиони денари.
Во социјалната политика, развојните потпрограми растат за 58,8%, односно за 156 милиони денари. Инфраструктурните проекти во општините растат за 113,7%, достигнувајќи 376 милиони денари.
Во транспортот, развојната компонента достигнува 13 милијарди и 803 милиони денари. Тоа е зголемување од 1 милијарда и 660 милиони денари, или 13,7%. Железничката инфраструктура расте за 743 милиони, а инфраструктурните проекти во општините за 665 милиони денари.
Кај одбраната, развојните потпрограми достигнуваат 9 милијарди и 453 милиони денари. Кај НАТО интеграцијата има зголемување од 763 милиони денари. Кај Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој има зголемување од 190,9 милиони денари, или 21,1%.
И сега, таксативно, за да нема дилеми дали овој Ребаланс е развоен, реален и економски оправдан.
-Дирекција за заштита и спасување потпрограма 20 Заштита и спасување зголемување за 64% или 197 милиони денари
-Агенцијата за иновации добива 140 милиони денари повеќе. Кај купување опрема има зголемување од 2500%, а кај вложување во нефинансиски средства 7100%.
-Министерство за финаснии – функции на држава потпрограна МД Рурален развој се зголемува за 146% или 370 милиони денари, а потпрограмата МЕ ИPA 2 за 800 милиони денари !
-Министерството за економија програма 12 Контрола на пaзарот се зголемува за над 10 милиони денари. Цените мора да останат стабилни.
-Министерство за животна средина и просторно планирање во Програмата 2 Заштита на животна средина има зголемување за 62% или 2 милијарди денари, а потпрограмата АА Инфраструктурни проекти во општините има зголемување од 113% илки 300 милиони денари !
-Министерството за транспорт и врски во потпрограмата 2K Проект за олеснување на трговијата и транспортот има зголемување за 152% или 373 милиони денари, а потпрограмата АА Инфраструктурни проекти во општините има зголемување за фантастични 664 милиони денари !
-Министерството за земјоделство во прогрмата 6 Водостопанство има зголемување за 57% или 268 милиони денари !
-Агенциjата за финансиска поддршка на земјоделието во програмата 2 има зголемување за 1,1 милијарда денари !
-Министерството за социјална политика, демографија и млади има зголемување во Програмата за Центрите за социјална работа од 106 милиони денари, во потпрограмата 4А Објекти за заштита на стари лица има зголемување за 60%, а пак потпрограмата АА Инфраструктурни проекти во општините зголемување за 113% или 200 милиони денари !
-Министерство за образование Програма за основно образование зголемување за 193 милиони денари, програма средно образование зголемување за 205 милиони денари, програма за високо образование зголемена за 200 милиони денари. Програма за Ученички стандард зголемена за 5 милиони денари, а пак студентски стандард зголемена е за 435 милиони денари ! Потпрограма АА Инфраструктурни проекти во општините е зголемена за 10 милиони денари ! Потпрограмите за реконструкција на ученички домови и реконструкција на студентски домови се зголемени за 100 милиони денари односно за 245% !
-Министерство за спорт потпрограма АА Инфраструктурни проекти во општините зголемена за 667% или 200 милиони денари !
-Министерство за култура и туризам потпрограма АА Инфраструктурни проекти во општините зголемена за 323% или 200 милиони денари !
-Министерство за здравство потпрограма 1А Реконструкција и доградба на објектите во ЈЗУ е зголемена за 190% или 300 милиони денари !
Ако ова не се аргументи — тогаш што е аргумент?
Да зборуваме и за макроекономијата.
Во првиот квартал од 2026 година БДП расте 3,1%. Проекцијата за годината е 3,5%. Да, таа е ревидирана од 3,8% на 3,5%, но тоа не е затоа што домашната економија колабира, туку поради надворешни ризици — Блиски Исток, енергенси, нафта, увозни цени и глобална неизвесност.
Инфлацијата е ревидирана на 4,5%. Тоа е реалистично, а не вештачки оптимистичко планирање.
Градежништвото расте 7,2%. Нискоградбата расте 24,5%. Специјализираните градежни активности растат 17,5%. Индустријата во април расте 7,6%. СДИ во првиот квартал изнесуваат 218,6 милиони евра и растат 46,8%. Корпоративното кредитирање расте 15%.
Кога БДП расте 3,1%, кога капиталните расходи растат 14,5%, кога нискоградбата расте 24,5%, тогаш инфраструктурата не е политичка парола. Таа веќе се гледа во економијата.
Почитувани, Овој Ребаланс не е фискална паника. Овој Ребаланс е фискална адаптација. Кога ќе го погледнеме Ребалансот бројка по бројка, ставка по ставка, сликата е јасна: приходите растат, но не се напумпани; расходите растат, но има рационализација; стоки и услуги се намалуваат; капиталните расходи растат; социјалната заштита расте; здравството расте; образованието расте; животната средина расте; општините добиваат повеќе; земјоделството добива повеќе; УЈП, Царина и институциите за наплата се зајакнуваат; развојните потпрограми растат.
Што добиваат граѓаните? Добиваат подобри патишта, подобра локална инфраструктура, водоводи и канализации. Добиваат здравствени установи со реконструкција и опрема. Училишта, студентски домови и спортски сали. Почиста животна средина. Добиваат поддршка за земјоделството, социјална сигурност. Добиваат општини кои градат, а не општини кои молат. Затоа мојот став е јасен.
Овој Ребаланс треба да се поддржи. Затоа што е реален, структуриран, развоен и насочен кон потребите на граѓаните. Ова е победа на бројките над манипулациите. И затоа, почитувани колеги, ако сакаме да зборуваме чесно, тогаш мора да зборуваме бројка по бројка, ставка по ставка. А бројките покажуваат дека овој Ребаланс создава вредност“ – пишува Стојаноски.
Tagged as:
РЕБАЛАНСОТ ЗА 2026 Е ДОКАЗ ЗА СТАБИЛЕН И РАСТЕЧКИ БУЏЕТ
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
