Проектот за рудник за бакар „Иловица-Штука“ веќе повеќе од две децении е една од најконтроверзните инвестициски теми во земјава. Наоѓалиштето, лоцирано во општините Ново Село и Босилово, се смета за најголемиот неискористен рударски потенцијал во Македонија, но истовремено останува предмет на постојани поделени мислења меѓу поддржувачите и противниците на проектот.
Инвеститорот „Еуромакс Ресоурцес“, заедно со дел од стручната и научната фела, посочува дека современите технологии значително го намалиле влијанието на рударството врз животната средина во споредба со практиките од минатото. Клучен аргумент е планираната примена на технологијата на суво одлагање на јаловината, метод кој наводно ја намалува потрошувачката на вода и ризикот од хидројаловишта со брани.
Локалната иницијатива „И здравје и работа“ смета дека проектот носи директни придобивки за регионот, отворање на работни места, приливи во општинските буџети преку концесиски надоместоци, како и поддршка за локалните земјоделски и сточарски производители преку зголемена побарувачка.
Дел од универзитетската и стручната јавност, меѓу кои геолози и професори, го поддржуваат ставот дека проектот може да функционира без значајна еколошка штета доколку се почитуваат современите стандарди на рударската индустрија.
На спротивната страна, дел од активистите, еколошките организации и жителите изразуваат загриженост за долгорочното влијание врз земјоделството, водните ресурси и здравјето на населението во регионот. Клучни прашања кои се поставуваат вклучуваат можните ризици од загадување на почвата и подземните води, влијанието врз традиционалното земјоделство кое е основен извор на приход за многу семејства во околните села, како и загриженост дека придобивките за локалната заедница нема да ги надминат ризиците.
Критичарите на проектот, исто така, посочуваат на недоволна транспарентност во јавната дебата и бараат подетални независни студии за влијанието врз животната средина пред да се донесе конечна одлука.
Ohridsky.com смета дека рударството за бакар, без разлика на технологијата, спаѓа во категорија на индустрии со висок потенцијал за влијание врз животната средина, и токму затоа секој ваков проект бара крајно внимателна, независна и долгорочна анализа пред да се донесе конечна одлука. Загриженоста на локалното население и еколошките организации не треба да се третира како пречка за развој, туку како легитимен глас во процесот на одлучување.
Истовремено, сметаме дека јавната дебата треба да се темели на проверливи, независни наоди, а не единствено на комуникациски пораки од страна на инвеститорот или неговите партнери. Секоја инвестиција од ваков обем неизбежно доаѓа со сопствена комуникациска стратегија насочена кон градење позитивна јавна перцепција, што само по себе не е ниту невообичаено ниту незаконско, но токму затоа е важно јавноста да бара повеќе независни, стручни и научно поткрепени анализи, наместо да се потпира исклучиво на промотивни наративи, без разлика од која страна доаѓаат.
И покрај повеќе од две децении од првичните детални геолошки истражувања, инвестицијата сè уште не е реализирана. Дебатата за Иловица-Штука останува отворена, а конечниот исход ќе зависи од балансот меѓу економските придобивки, еколошките гаранции и, најважно, волјата и безбедноста на локалното население.
Сашо Денеосвски
Tagged as:
животна средина Иловица Иловица-Штука инвестиции македонија рударство рудник за бакар
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
