На аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид утрово слета првиот авион со 154 патници на „Аустриа Ерлајнс“, со што и официјално започна да функционира новата редовна авиолинија Виена-Охрид, соопшти Министерството за транспорт.
Линијата ќе се реализира двапати неделно, секој четврток и недела, со што Охрид и охридското крајбрежје добиваат директна поврзаност со уште една европска дестинација.
„Воведувањето на оваа линија има огромно значење за развој на охридскиот аеродром, бидејќи аеродромот во Виена е еден од најголемите европски хабови и еден од најважните воздушни центри во Централна и Источна Европа, со преку 200 конектинг летови во 66 држави низ Европа, Северна Америка, Азија и Африка, што подразбира поврзување на Охрид со преку шеесетина земји низ светот. Дополнителено значење има фактот што оваа линија ја оперира „Аустријан Ерлајнс“, една од топ десетте најголеми авиокомпании во Европа, што ја потврдува сериозноста на инвестицијата и квалитетот на услугите што се нудат кон патниците“, се вели во соопштението.
Со ова, се додава, од охридскиот аеродром се реализираат вкупно 16 авиолинии, од кои 13 се редовни и 3 чартер линии, што претставува значително проширување на мрежата на дестинации достапни за граѓаните и за посетителите.
Новата линија кон Виена, како и претходно воспставените ќе придонесат за привлекување на поголем број странски туристи, нови инвестиции, како и за економски раст и развој на Охрид и охридскиот регион.
„Македонија денеска е препознаена на мапата на бројни тур-оператори и авиокомпании. Со активните мерки за поддршка го развиваме авиосообраќајот, го зголемуваме туристичкиот потенцијал на државата и обезбедуваме поквалитетни и подостапни услуги за граѓаните. Како резултат на владините политики, директно се отворени 28 нови авиодестинации. Стратешка определба на Владата е целосно да ги искористи капацитетите на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. Апостол Павле“ преку проширување на мрежата на дестинации, привлекување нови авиокомпании и обезбедување поквалитетни услуги за патниците“, соопшти Министерството за транспорт.
Паралелно, се додава, во тек е целосна реконструкција на охридскиот аеродром со цел унапредување на неговите капацитети, подобрување на инфраструктурата и создавање услови за понатамошен раст на авиосообраќајот и бројот на патници.
Целта е годинава преку двата македонски аеродроми да се опслужат повеќе од 3,5 милиони патници, а во наредните години таа бројка да надмине 4 милиони патници.
На свеченото одбележување на првиот лет, претставници на „ТАВ Македонија“ посочија дека новата линија ќе придонесе за развојот на туризмот во охридскиот регион, но и за унапредување на економската и сообраќајната поврзаност на земјава.
Генералниот директор, Неџат Курт, изјави дека се очекува линијата да донесе околу 5.000 дојдовни патници, нагласувајќи дека преку Виена патниците од Охрид ќе имаат можност за побрзи и поефикасни конекции до бројни европски и светски дестинации.
– Оваа авиолинија ќе донесе придобивки не само за аеродромот, туку и за туризмот, локалната економија и за нашите сограѓани што живеат и работат во странство. Нашата цел е континуирано да ја подобруваме поврзаноста на земјата и да создаваме услови за раст на патничкиот сообраќај – изјави Курт.
Од „Аустриан ерлајнс“ посочија дека отворањето на линијата до Охрид претставува проширување на присуството на компанијата во земјава, по три децении летање до Скопје и оценија дека Охрид станува сè попривлечна дестинација за патници од целиот свет.
Заменик-шефот на мисијата на австриската амбасада рече дека новата линија ќе придонесе за зајакнување на врските меѓу двете земји, преку поттикнување на туризмот, деловната соработка и културната размена.
Линијата Виена-Охрид е втора авиолинија воведена на охридскиот аеродром од почетокот на месецов. Претходно беа воспоставени и летови од Вроцлав и Катовице. Во летниот ред на летање од аеродромот „Св. Апостол Павле“ се предвидени летови до вкупно 17 дестинации.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
