Многу е важно Македонија да не се фрустира од перцепцијата дека е „мала држава“, ниту да се однесува како мала држава, субмисивно, на европскиот пат, вели претседателката Гордана Сиљановска Давкова во интервју за МИА. Македонија, истакнува претседателката, мора да ги изнесе националните интереси и ставови во преговорите во една нова ера на политика на докази и европски вредности, кои, како што вели, не се само европски, туку и македонски вредности.
– Не, јас тоа одамна сум го надминала и апсолутно, кога ги кажувам нештата, ги кажувам така како што мислам дека се и никогаш не заборавам кого претставувам. Никогаш. И затоа јас честопати говорам дека ЕУ треба да подразмисли околу методологијата на преговорите. Не може тоа да биде „молчи и слушај“. Како постар брат и помлад, или богат и сиромашен. Не. И кандидатите, и кандидатите за кандидати имаат што да кажат. Е, какви се тие преговори кога вие мене ми велите: „Еве ја рамката, спроведете ја, сменете го Уставот оти ние сме внатре, ние сме ексклузивно друштво, а вие чекате“? Не. И на ЕУ исто така ѝ требаат длабоки реформи – истакнува претседателката.
Шефицата на државата вели дека мора да ги потсетиме граѓаните дека европските принципи се и македонски принципи. Во однос на тоа што дел од тие европски принципи се прекршени таа вели дека е време за политика заснова на докази.
– Ако вие укажете пристојно, културно, со аргументи, дека имате забелешки на некои решенија, дека тие решенија не кореспондираат со филозофијата на Европската Унија, дека тие решенија не се прифатливи за повеќето од граѓаните, тогаш мислам дека ќе размислат, ако не самите тие, тогаш нивните соговорници. И затоа јас честопати говорам дека е време за политика заснована на докази – вели Сиљановска Давкова.
Шефицата на државата најави дека Македонија ќе го организира настанот „Брдо – Бриони“, бидејќи смета дека тој процес не смее да престане.
– Може нема да биде тоа ни Брдо ни Бриони, ама ќе биде еден добар балкански чекор. Ние немаме никаков проблем, особено не територијален или друг проблем, со нашите соседи. Ние дејствуваме во рамките на процесот „Брдо – Бриони“ како одговорен регионален играч и тоа го почитуваат сите мои колеги и колешки – додава претседателката Сиљановска -Давкова.
На прашањето дали патот кон ЕУ е дводецениски маратон и како да се спречи граѓаните да ја изгубат вербата вели дека токму граѓаните ќе се носителите на суверенитетoт, додека политичарите се привремени.
– Јас сигурно, веројатно чувте, се насмеав кога реков малку сум изненадена истите актери, истите претседатели и премиери, истите министри, на еден начин се однесуваат во рамките на НАТО, сосема на поинаков се однесуваат кога разговараме за ЕУ. А од друга страна, значи тоа е она што ќе ни овозможи, претпоставувам и мислам дека е така, што велите вие, да, да ги охрабриме граѓаните дека европските принципи и вредности, оние што се зацртани, а што не се почитуваат во конститутивните акти, дека се и македонски принципи и вредности, дека и овде можеме ние да функционираме на ист начин бидејќи, како што ги следам анкетите, и во другите држави, особено младите, велат дека не се задоволни од животот, би ја напуштиле државата. Знаете, како онаа еврејската поговорка – да имате сѐ, па потоа да немате, што е страшно, ние сме научени некако… жилави станавме. Навистина станавме. Да се навикнуваме. Да, да, да се адаптираме, да преживуваме, да се бориме. Тоа е нешто што ни е карактеристика и ми се чини дека затоа е потребно охрабрување, ама не само охрабрување, бидејќи 20 години преку играта морков и стап… еднаш реков морковите се изедени, стаповите се искршени, веќе нема логика да вежбаме терапевтска демократија, навистина сѐ уште мислам дека може да се најде решение.
Сиљановска Давкова го спомена и нон-пејперот за постепено членство изаден од Франција и Германија како нов можен импулс. Документот предвидува постепен пристап до европскиот пазар за земјата која што е кандидат, до постепено интегрирање во институциите на Брисел.
– Јас затоа, кога реков дека е охрабрувачки, па и документот што се вика нон пејпер, бидејќи ќе стане пејпер, претпоставувам, нема да остане нон пејпер – зошто нема да остане, затоа што таму има навистина не само начела и принципи, туку конкретни активности што ќе се прават. Така и студентите, така и учениците, така и граѓаните, така и стопанствениците ќе може да учествуваат и во натпреварот на европскиот единствен пазар, но и во креирањето на оваа заедничка политика иако тука ние сме единствената држава со 100-процентно усогласена надворешна и безбедносна политика, што е многу важно во овие времиња.
На прашањето што ѝ претставува поголемо задоволство, обраќање пред студентите или говор на државнички самит, таа одговори дека „ниту една функција не може да го замени задоволството од амфитеатарот“.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
