Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина е подготвена да отвори дури 6 кластери во пристапните преговори со Европската Унија и дека очекува летово да донесе нов напредок на европскиот пат на земјата.
Во своето редовно вечерно обраќање, Зеленски порача дека Киев ги завршил подготовките за дипломатските активности што следуваат наредната седмица и нагласи дека Украина нема да биде причината за евентуални одложувања во преговарачкиот процес.
Зеленски потсети дека Европската Унија ја потврдила подготвеноста за отворање на првиот кластер во преговорите со Украина.
– Направивме апсолутно сè за овој напредок и сум благодарен на сите што помогнаа и на сите што работат за нашата земја – изјави украинскиот претседател.
Советот на ЕУ оваа седмица официјално го почна процесот за отворање на Кластер 1 во пристапните преговори со Украина и со Молдавија.
Иако американскиот претседател Доналд Трамп ќе учествува на работен состанок на Г7 заедно со Зеленски, засега не е предвидена посебна билатерална средба меѓу двајцата лидери.
Според висок претставник на американската администрација, руското напредување во Украина во моментов е „повеќе или помалку запрено“.
Додека дипломатијата бара напредок, војната продолжува со несмалено темпо.
Локалните власти во рускиот Краснодар соопштија дека едно лице загинало, а тројца биле повредени во напад со украински дрон. Според гувернерот Венијамин Кондратиев, остатоци од беспилотно летало предизвикале пожар на бродски терминал.
Украинскиот Генералштаб не го коментираше нападот, но потврди дека украинските сили погодиле објект за преработка и пумпање нафта во Волгоград, како и цели во окупираните делови на Доњецк и на Запорожје.
Во меѓувреме, нуклеарната централа „Запорожје“ повторно е поврзана со електроенергетската мрежа по поправките извршени за време на локален прекин на огнот, постигнат со посредство на Меѓународната агенција за атомска енергија.
Ова е дури 19-ти случај централата да остане без надворешно напојување од почетокот на војната.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
