Над 50 илјади евра досега се потрошени за истражната постапка за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, информираше обвинителката Катерина Коларевиќ на денешен брифинг.
Шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, изјави дека ниту како јавен обвинител, ниту како раководител, не вршел притисок или влијание врз обвинителите во предметите по кои постапуваат.
– Јас ни како обвинител, ни како виш, на ниеден обвинител не сум му сугерирал, ниту пак сум ја загрозил неговата самостојност. На ниеден јавен обвинител не сум вршел притисок или влијание да донесе каква било одлука – изјави Абази на брифинг со новинари, одговарајќи на обвинувањата што претходно ги упати ВМРО-ДПМНЕ.
Реакцијата на Абази следува по прес-конференцијата на Антонио Милошоски, кој обвини дека раководителот на ОЈО ГОКК донел, како што рече, „контроверзна наредба“ за запирање на постапката за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, вредна 167 милиони евра.
Милошоски тврдеше дека Абази постапувал под политичко влијание и дека со одлуката од одговорност биле ослободени лица блиски до партии од поранешната власт.
Според него, без обвинение останале поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство, како и бизнисмените Асмир Јахоски и Ратко Капушевски.
Тој ја доведе во прашање и одлуката обвинителството да не го третира бегството на Ковачевски како дополнителна индиција во предметот, оценувајќи дека со тоа била нарушена довербата во правосудството.
Во меѓувреме, Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција официјално соопшти дека по едногодишна истражна постапка е донесена наредба за запирање на истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино.
Од обвинителството наведуваат дека од прибраните докази не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставале на товар, ниту дека постои друго кривично дело што се гони по службена должност.
– Од прибраните докази не се утврди дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаа на товар, ниту е утврдено постоење друго кривично дело што се гони по службена должност – се наведува во соопштението.
Според ОЈО ГОКК, во текот на постапката биле анализирани обемна документација, финансиски и договорни документи, вештачења и искази на сведоци од АД ЕСМ, ТЕЦ Неготино и економски оператори со лиценца за трговија со мазут.
Обвинителството оценило дека набавките биле спроведувани во услови на прогласена енергетска криза и согласно законските исклучоци од Законот за јавни набавки, со цел да се обезбеди непречено производство на електрична енергија.
– Истрагата утврди дека постапките биле спроведувани транспарентно. ЕСМ имало цел да ги вклучи сите оператори што поседувале лиценци за трговија со мазут, во интерес на побрза испорака – наведуваат од обвинителството.
Од таму додаваат дека дел од компаниите не учествувале во постапките поради деловни и економски проценки, високите количини, потребните банкарски гаранции и ризиците на тогашниот енергетски пазар.
Во образложението се наведува дека мазутот бил навремено и континуирано испорачуван и дека во критичниот период немало рестрикции во снабдувањето со електрична енергија.
Обвинителството тврди дека не е утврдена штета ниту за АД ЕСМ, ниту за државниот буџет.
– Напротив, од доказите произлезе дека измените на годишниот план за јавни набавки и склучувањето на анексите биле спроведени со одлуки на надлежните органи на АД ЕСМ, со цел обезбедување доволни количини мазут за непречено функционирање на ТЕЦ Неготино – посочуваат од ОЈО ГОКК.
Во однос на сомнежите за перење пари, обвинителството заклучува дека исплатените средства не претставуваат противправно стекната имотна корист и дека трансакциите не можат да се третираат како перење пари или прикривање незаконски стекнати средства.
Со запирањето на истрагата, без обвинение останаа Јахоски, сопственик на Пуцко Петрол, и Капушевски, сопственик на РКМ, кои беа меѓу главните осомничени во предметот вреден 167 милиони евра.
Јахоски во текот на постапката беше во притвор, а подоцна се бранеше од слобода со гаранција од над два милиони евра, додека Капушевски цело време се бранеше од слобода.
Истрагата опфати вкупно 13 лица, меѓу кои и Ковачевски, како и повеќе поранешни функционери и службени лица од енергетскиот сектор.
По донесената наредба за запирање на постапката, сите осомничени остануваат на слобода, а оштетеното правно лице има право на приговор до Вишото јавно обвинителство во Скопје во рок од осум дена.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
