Background

СОНК НЕМА ДА ПРОТЕСТИРА ЗА ПРВИ МАЈ

Убедени сме дека социјалниот дијалог е најдоброто оружје, би рекол инструмент, преку кој работниците ги остваруваат своите права. Очекуваме синдикатите да бидат третирани како рамноправни партнери со другата страна, која ги претставува работодавачите. Очекуваме дискусија со заклучоци, кои ќе одат во насока на унапредување на правата на работниците, а ќе отвориме расправа и по одредени закони, кои се или двосмислени или не се почитуваат во пракса. Ова го изјави претседадателот на СОНК, Јаким Неделков, на конференцијата „Трудови политики и колективни договори – законска рамка, примена и предизвици“.

– Како синдикат, оваа година донесовме одлука овој важен празник за работниците да го одбележиме со научна конференција, каде што на највисоко ниво ќе разговараме за трудовите закони, кои се однесуваат на работниците, како и за колективните договори, нивната примена во практиката, и за предизвиците што претстојат во однос на колективните договори. Станува збор за конференција на високо ниво, на која ќе учествуваат во панел-дискусии, и за расправа на највисоки функционери од ресорните министерства, односно од државните органи. Понатаму, имаме претставници од локалната самоуправа, кои исто така се социјални партнери на локално ниво. Имаме судии, адвокати, трудови инспектори, советници од министерствата…, кои ќе дадат придонес со својата професионалност и ќе бидат вклучени во јавната расправа – рече Неделков.

На новинарско прашање дали ќе се приклучат на првомајскиот протест в петок во организација на ССМ, тој рече дека протестот го организира друга федерација, односно друг синдикат, и оти не се дел од тоа.

- Advertisement -
Ad image

– Ние го избравме патот на социјален дијалог и преговори – резултатите ги постигнуваме на маса. Тие го избрале тој пат, да одат на улица, тоа е нивна стратегија – рече тој.

Во однос на тоа каде се прекршуваат правата на работниците, рече дека, генерално, имаме закони што ги опфаќаат сите работнички права.

– Тие закони се доуредени со колективни договори, каде што е допрецизирано што им следува на работниците. Генерално, она што на синдикатот, потписникот на колективниот договор, му пречи, тоа е пристапот кон толкување на колективниот договор, односно не се почитуваат одредбите ниту од Законот за работните односи, кој кажува за кого се применливи гранските колективни договори, односно за кого важат, а најмалку, пак, од директорите, кои треба како први работодавачи да ги имплементираат овие колективни договори. Тие не ги почитуваат и одредбите од колективните договори и ги применуваат за сите вработени, а кои Законот за работните односи и науката тоа не го кажуваат. Тоа ни е еден од најгорливите проблеми, при што оние што не се членови, односно воопшто не го финансираат синдикатот за да преговараат со ресорните министри итн., бесплатно ги уживаат правата што се обезбедени од оние што плаќаат членарина. Практично, излегува како во самопослуга – едни плаќаат, а други користат бесплатно. Или ако ги прашате дали се дискриминирани во однос на членовите, велат дека не се, туку обратно – членовите што плаќаат ја финансираат организацијата за да ги штити нивните интереси, тие за таа услуга нормално му плаќаат на синдикатот, а оние што не плаќаат ни денар, ги користат истите привилегии, што апсолутно не е исправно – рече Неделков.

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, во изјава за медиуми оцени дека во овој период, откога е воспоставено Министерството, има голем напредок во врска со склучувањето на колективните договори, особено во јавниот сектор.

– Меѓутоа, и понатаму работиме на подобрување на работничките права. Ние како Влада ќе негуваме голема транспарентност, како што тоа го правиме преку Економско-социјалниот совет и социјалниот дијалог. А исто така, ќе се залагаме да има рамноправност на сите учесници и слобода во демократското изразување, особено на синдикалните движења и работодавачите. Сè она што се постигнува преку дијалог значи и подобри законски решенија и подобри колективни договори, со кои се штитат работничките права – рече тој.

Според него, целта на Министерството за економија е да се почне процесот за донесувањето на клучниот закон во работничките права, а тоа е законот за работни односи, кој веќе осум години се работи, а сè уште не е донесен.

– Со тоа би се направиле многу поквалитетни решенија во однос на заштитата на работничките права. Меѓутоа, исто така и односот помеѓу работниците и работодавачите би се унапредил, а со тоа би се вовеле и нови, модерни начини на работа и работнички права, како што се флексибилно работно време, онлајн-работа, работа од дома, како и флексибилност за родители со мали деца или членови на семејството со посебни потреби.Сето тоа би било опфатено бидејќи овој закон е стар над 20 години и мора да ги претрпи овие промени за да ги направиме во согласност со денешните услови. Набргу ќе се формира работна група и онаму каде што е закочен, да се откочи и очекуваме, во една добра перспектива, до крајот на годината и можеби почетокот на идната, да имаме нов закон со општ конзензус на работниците застапени пеку синдикатите и преку организацијата на работодавачи – рече Ристески.

Според него, првпат во историјата од постоењето на независна Македонија, како што рече, како Влада успеале да ги хармонизираат колективните договори во јавниот сектор, бидејќи ние таму сме работодавач.

– Успеавме да ги синхронизираме на некој начин платите на сите вработени во јавниот сектор, да не ги набројувам по сектори, преку склучување колективни договори. Понатаму, ќе работиме на промена на Општиот колективен договор во јавниот сектор, каде што исто така ќе ги подобриме работничките права. Меѓутоа, малку повеќе внимание ќе треба да посветиме во иднина и на Општиот колективен договор, како и на гранските колективни договори на синдикатите во приватниот сектор. Тука треба да дадат поголем придонес самите синдикати преку билатерални разговори меѓу синдикатите и работодавачите, вклучувајќи ја и минималната плата – како ќе се движи понатаму, дали ќе остане истата равенка, дали ќе се вклучат нови елементи или ќе има зголемување. Сепак, тоа е билатерален договор помеѓу синдикатите и работодавачите – заклучи Ристески.

Конференцијата ќе опфати панел-дискусии посветени на прашања од областа на трудовото право, поврзани со креирање трудови политики и законска рамка, како и проблемите и дилемите при практичната примена на колективните договори.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation