Мавзолејот во чест на Никола Карев планиран под Мечкин Камен никогаш не бил почнат со изградба, а сведоштва од учесници тврдат дека проектот бил стопиран од највисоко ниво, при што директно се посочува тогашниот лидер Лазар Колишевски.
Посмртните останки на претседателот на Крушевската Републикаво 1953 година биле ексхумирани од Кочанско и свечено пренесени во Крушево со јасна намера да бидат положени во мавзолеј.
Наместо во планираниот монументален објект, саркофагот со останките на Карев со децении останал во импровизиран, а потоа и во официјален музеј во Крушево. Дури во 1990 година тие биле преместени во споменикот „Илинден“, каде што се наоѓаат и денес, иако првичниот план предвидувал сосема поинакво, симболично место.
Изминувале 50 години од Илинденското востание, па Државен одбор донел програма за одбележување во 1953 година. Во таа програма била предвидена ексхумација на посмртните останки на Никола Карев. Тие требало да се пренесат од месноста „Свиланово“ кај село Рајчани во Крушево.
Ексхумацијата ја извршила посебна комисија. Присуствувале и роднини на Карев. Идентификацијата била направена со нивна помош.
Останките биле сместени во лимена кутија. Таа била ставена во дрвен саркофаг со релјефи и натпис „Никола Карев 1877-1905“.
На 1 август 1953 година, саркофагот бил свечено пречекан во Крушево. Привремено бил сместен во училишна зграда.
Oчигледно е дека членовите на Одборот на своја рака, без тогаш неопходните согласности и аминувања од највисоките државни и партиски органи во Скопје, а можеби и Белград, ја донеле и одлуката за сместување на посмртните останки на Никола Карев во мавзолејот во Крушево, и тоа едноставно останало отворено, иако истото има и своја предисторија.

Во конкурсот од 1948 година во делот што се однесува на Крушево, стои:
„Споменикот во Крушево … да ја изразува херојската борба на илинденските востаници од центарот на востанието – Крушево … и ќе се подигне на местото ‘Црн Врв’ од месноста ‘Мечкин камен’ … каде ќе се подигне монументален, архитектонско-скулптурен споменик, од типот на маузолеј“.
Но, изминало доста време и на конкурсот за изготвување идејно решение за мавзолејот во Крушево, не се јавил никој од тогашните македонски и југословенски архитекти, скулптори и ликовни уметници.
За целото тоа време додека се воделе расправи и лични контакти со познатите тогашни скулптори и ликовни уметници, чекајќи да се подигне планираниот мавзолеј, саркофагот со посмртните останки на Никола Карев останал во импровизираниот Историски музеј во Крушево, во просториите на долното училиште.
Димче Мире, секреар на Одборот за прослава на 50-годишнината од Илинденското востание се сеќава:
„Посебно се ангажираше во Крушево, Сретен Сојановиќ, 1955 година дојде и разговараше, јас го повикав професорот Лапе. Сакаше горе-долу да навлезе во основната подлога на македонската национална литература. Го однесовме во Крушево. Во куќата каде е прогласено, сето тоа, доаѓа два-три пати. Беше формирана комисија од 16-17 души. Ја водеше професорот Димче Коцо … Ние го прифативме за изградба споменикот мавзолеј во Крушево. Комисијата ја заврши работата“.
Познатиот тогашен југословенски скулптор Сретен Стојановиќ го изработил проектот и врз основа на него изготвил и посебна макета од мавзолејот. Се чекала само уште дозволата за почеток со работите за изградба и подигање.
Но, изградбата кај Црн Врв не започнала. Интересен е и дијалогот меѓу претседателот на Президиумот на Народното собрание на Народна Република Македонија, Страхил Гигов, и Димче Мире во Одборот:
„Страхил Гигов: Ова што го кажуваше другарот Мире, меѓутоа, целата работа е околу реализацијата на тие одлуки. Таму имаше доста одлуки околу реализацијата на тие одлуки – кој, што и како правел, сето тоа може да се испита.
Не те разбирам (се обраќа на Д. Мире) дали кај Стојановиќ отишол. Кој лаже.(?)
Димче Мире: Лазар Колишевски. Кога се врати (Стојановиќ), прашав што е работата а тој ми рече: ‘Ништо од споменикот (мавзолејот)’ и си отиде,
Страхил Гигов: А ти како Одбор …
Димче Мире: Нема што, ние како одбор завршивме.
Страхил Гигов: Дали го свика одборот?
Димче Мире: Прво, јас не сум го водел Одборот. Јас реков и уште еднаш ќе повторам: Тоа го спречивте вие на врвот. Можеби и ти си бил таму.
Страхил Гигов: Сигурно сум бил таму, но не сум го спречил.Те прашувам, ако си го слушнал тоа, си требал да одиш во Одборот и да кажеш дека вака се работи.
Димче Мире: Ние сме завршиле сè и сме го примиле.
Страхил Гигов: Некој го руши решението.
Димче Мире: Некој го стопира.
Страхил Гигов: Кој?
Димче Мире: Лазар Колишевски“.
Во недостаток на пишан документ за стопирање на изградбата на мавзолејот, ова тврдење на Димче Мире дека Лазар Колишевски е тој кој лично ја стопирал изградбата на мавзолејот во Крушево, каде што требало да се постави саркофагот со посмртните останки на Никола Карев, мораме да го прифатиме за сосема точно и автентично.
Во јули 1956 година, конечно се востановил Историскиот музеј во Крушево и од просториите на долното училиште, саркофагот со посмртните останки на Никола Карев бил пренесен во новоадаптираните простории на Историскиот музеј, во куќата во која денес се наоѓа Музејот на Илинденскоото востание и Крушевската Република, со што посмртните останки на Никола Карев станале музејски експонат.
Дури на 11 април 1990 година, после цели 37 години, посебна државна комисија во присуство на повеќе високи републички и општински функционери, преку посебен записник и фотографски снимки, документирајќи ги деталите на целиот настан, го отвори саркофагот и лимената кутија во него, во која беа сместени посмртните останки на Никола Карев.
Голем број граѓани, роднините на Никола Карев, претставниците на највисоките републички органи, членовите на посебната државна комисија и на Одборот за определување и реализација на трајно решение за сместување на посмртните останки на Никола Карев, го исполнија просторот во куполата на споменикот „Илинден“. Со самото доаѓање, тројца свештеници, над отворените посмртни останки на Никола Карев извршија помен со чинодјствување. Потоа, роднините на Карев и младинци во комитска облека, според обичајот, го целиваа ковчегот, простувајќи се од својот предок и од водачот на крушевскиот слободарски Илинден од 1903 година, од претседателот на Крушевската Република.
На крајот од овој чин, посмртните останки на Никола Карев беа преместени во посебен бакарен сандак кој беше положен во специјално за таа пригода направен отвор во дебелиот бетонски под на споменикот „Илинден“, директно наспроти влезот во куполата, каде и денес се наоѓа. Веруваме за трајно. /дј
(При изготвувањето на текстов е користена монографијата на Кочо Топузоски „Никола Карев 1877 – 1905 – Патешествија низ документи“, „Матица македонска“, Скопје, 2008)
Tagged as:
ЗА КАРЕВ БИЛ ПЛАНИРАН МАВЗОЛЕЈ КОЛИШЕВСКИ СТОПИРАЛ?
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
