Претседателот на СДСМ Венко Филипче најави протести доколку во Собранието не помине резолуција против примање на мигранти која неговата партија планира да ја поднесе наскоро.
Опозицискиот лидер денеска на прес конференција рече дека по онлајн петицијата која ја објави неговата партија, следен чекор ќе биде Предлог-резолуција во Собранието со која пратениците ќе потврдат дека Македонија нема да прима мигранти.
Доколку мнозинството не даде поддршка на ваквата резолуција тој најави дека ќе повика на масовни протести.
– Дали може да очекуваме дека на мигрантите ќе им бидат дадени мигрантски пасоши и ќе бидат гласачка машинерија на ВМРО ДПМНЕ. Се ближат избори. Мислам дека мора да кажеме одлучно не. Да се крене гласот на народот. Ги повикувам граѓаните да не поддржат и да ни помогнат да го спречиме ова антидржавно и антинационално однесување на патриотската влада на ВМРО-ДПМНЕ – рече Филипче.
Филипче на денешната прес-конференција рече дека уште пред неколку месеци ја најавиле, како што рече, опасноста што нè очекува со мигрантите, а за која, додаде, сега дознаваме од британските медиуми.
Од овие пишувања на медиумите од островот, додаде тој, дознаваме дека според разговорите што се воделе, мигрантите треба да бидат интегрирани во нашето општество и на пазарот на трудот, особено од градежништвото, и тука да имаат трајни живеалишта.
Дури, како што рече лидерот на СДСМ, од Велика Британија доаѓаат детални информации дека Лондон ќе ѝ исплаќа на Македонија 20 000 фунти по мигрант согласно договор за т.н. повратни центри.
Во врска со мерките и активностите што ги планираат социјалдемократите, Филипче рече дека за почеток од партијата ќе покренат иницијатива против овој план. А доколку власта го игнорира овој чекор, тој најави дека ќе бидат преземени други, посилни активности.
„По најавата на претседателот Венко Филипче, СДСМ го направи првиот чекор, покрена онлајн петиција против плановите на власта за мигранти во Македонија. Одбраната на Македонија почнува сега. Ги повикуваме граѓаните да нè поддржат во одбраната на Македонија, да го спречиме ова антидржавно и антинационално однесување на ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението од СДСМ испратено попладнево.
Досега петицијата ја имаат потпишано 584 граѓани, а до целта, како што е наведено, потребни се уште 49 416 потписи, а таа ќе биде активна 30 дена.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во неколку наврати категорично демантираше дека се планира или се договоара отворање на центри за мигранти, или примање мигранти во Македонија. Мицкоски рече дека додека е тој премиер, мигранти во Македонија нема да бидат примени.
ВМРО-ДПМНЕ и денеска категорично ги отфрли тврдењата на СДСМ дека во земјата се подготвуваат аранжмани за прифаќање мигранти, оценувајќи дека опозициската партија „секојдневно ја бомбардира јавноста со исти невистини“.
Од владејачката партија реагираат дека СДСМ, „како расипана плоча“, повторува обвинувања кои веќе биле демантирани и од ВМРО-ДПМНЕ и од премиерот Христијан Мицкоски.
„Секој ден исто – лажни вести, шпекулации и обиди да се создаде паника. СДСМ е без идеја, без програма и без аргументирана критика, па затоа повторува теми кои немаат врска со реалноста,“ порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се нагласува дека ставот на владината коалиција е недвосмислен и непроменет: „Мигранти во Македонија нема да има.“
Од партијата предупредуваат дека опозицијата свесно шири дезинформации за да добие медиумско внимание во пресрет на клучни политички процеси.




























