Денеска започна процесот за создавање на Национален инвентар на јавни згради – база на податоци која треба суштински да го промени начинот на кој државата планира, инвестира и управува со своите јавни објекти, соопшти Министерството за енергетика.
Националниот инвентар ќе овозможи: систематска процена на енергетската состојба на секоја јавна зграда, дефинирање приоритети за реновирање, изработка на инвестиционо портфолио, поефикасно буџетско планирање, подобрени услуги за граѓаните.
Министерката за енергетика и рударство на денешниот состанок со претставници од институциите и општините рече дека овој процес е од реформската важност.
– Ова е реформска алатка што ни овозможува – конечно – да имаме точна и целосна слика за тоа како функционира јавниот сектор низ призма на енергетската ефикасност. За првпат, на едно место ќе ги обединиме податоците за потрошувачката на енергија, емисиите, состојбата на објектите и потребите за реновирање. Тоа знаење е нашата најсилна почетна точка. Без точни и прецизни податоци нема ниту паметни политики, ниту добри инвестиции, ниту одржлива енергетска иднина. Ова не го правиме за да исполниме формална обврска – го правиме за да изградиме јавни простори кои се енергетски ефикасни, отпорни и современи. Простори што ќе значат помали сметки, помали трошоци и пофункционални згради – и за институциите, и за граѓаните кои секојдневно ги користат – рече Божиновска.
Директорот на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) за Северна Македонија, Давид Оберхубер, истакна дека Националниот инвентар не е само технички процес, туку обврска кон иднината:
-Инвеститорите – домашни или меѓународни – финансираат она што е мерливо. Овој инвентар ќе ѝ даде на Северна Македонија јасна слика за она што ѝ е потребно, но исто така и силна основа да привлече средства за реновирање на јавните згради, за намалување на енергетската потрошувачка и со тоа да станат институции подобри за граѓаните. GIZ останува целосно посветен на оваа соработка – рече тој.
Свое обраќање даде и Даме Димитровски, кој ја нагласи еколошката и економската димензија на процесот:
-Јавните згради во Македонија се меѓу најголемите потрошувачи на енергија и воедно значителен извор на емисии – не само CO₂, туку и цврсти честички кои влијаат на квалитетот на воздухот во нашите градови. Секој чекор кон нивна модернизација и значи не само исполнување на обврските кон Енергетската заедница и меѓународните договори, туку и почист воздух, поздрави заедници, подобри услови за работа и економски поодржливи јавни институции – рече Димитриевски.
Овој процес е дел од проектот Партнерство за енергетска ефикасност на згради (PEEB Cool), финансиран од Зелениот климатски фонд, Француската агенција за развој (AFD) и Германската влада преку GIZ.




























