Македонскиот државјанин Ислами Месут (60), кој загина во страотната сообраќајна несреќа што вчера се случи на периферијата на Равена, бил почитуван и вреден човек, кој со своето семејство веќе 20 години живеел во италијанскиот град Луго, во општината Волтана.
Несреќата се случи во близина на каменоломот Фосо Џијаја, каде директно се судрија два тешки камиона, при што Месут загина, а возачот на другиот камион е повреден.
Според италијанските медиуми, Ислами Месут, во локалната заедница познат како Макс, во Италија се преселил пред околу две децении, каде работел постојано и посветено.
Општината Луго упати сочувство до семејството: неговата сопруга, двете деца и внуците. Градоначалничката Елена Занони на социјалните мрежи напиша дека Макс бил „чесен, вреден и добро познат член на заедницата Волтана“.
Претседателката на Советот на Волтана, Валерија Монти, истакна дека семејството Месут било пример за интеграција. „Макс и неговата сопруга беа почитувани и сакани. Благодарение на нивната работа, нивните деца дипломираа и успеаја да купат дом. За нас беа прекрасни соседи и пријатели“, рече таа.



























