Народниот правобранител отвори бесплатна телефонска линија (0800 54321), на којашто граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на нивните права, како за време на одржување на кампањата, така и на деновите на одржување на првиот и вториот круг од Локалните избори 2025 (19 октомври и 2 ноември 2025 година).
Како што е соопштено, Народниот правобранител по пријавите на граѓаните ќе се постапува веднаш, а сите поплаки кои ќе стигнуваат по завршување на работното време, по 16 часот, ќе бидат снимени.
Исто така, за пријавување на повреди на избирачкото право, граѓаните можат да се обратат и во шесте подрачни канцеларии секој работен ден од 8 до 16 часот на следниве телефонски броеви: Подрачна канцеларија во Струмица 034 329-996, Подрачна канцеларија Кичево 045 228-586, Подрачна канцеларија Тетово 044 344-082, Подрачна канцеларија Битола 047 242-310, Подрачна канцеларија Штип 032 389-701 и Подрачна канцеларија Куманово 031 431-488.
„Народниот правобранител во функција на заштита и остварување на избирачкото право на граѓаните ќе постапува во најкраток рок до надлежните органи и до другите институции, со барање да постапуваат брзо и ефикасно во процесот на изборите со цел да им обезбедат остварување на загарантираното право на граѓаните“, се наведува во соопштението.