Германија смета дека признавањето на палестинската држава треба да се случи дури на крајот од преговарачкиот процес за решение со две држави.
– Договорено решение за две држави е патот што може да им овозможи на Израелците и на Палестинците да живеат во мир, безбедност и достоинство – изјави германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул пред да отпатува за Њујорк на Генералното собрание на Обединетите Нации.
Со оваа изјава Германија ја повтори својата позиција, а како реакција на одлуката на неколку развиени западни земји да ја признаат државата Палестина.
– За Германија, признавањето на палестинската држава би било крајна точка во процесот. Но, тој процес мора да почне сега – додаде тој.
Германија, заедно со САД, е еден од најголемите сојузници на Израел.
По речиси 2 години војна во Појасот Газа меѓу израелската војска и Хамас, Велика Британија, Канада, Австралија и Португалија вчера ја признаа државата Палестина, а се очекува Франција и други земји денеска во Њујорк да го следат нивниот пример.