Министерството за образование и наука (МОН) денеска ги објави конкурсите за доделување ученички и студентски стипендии за учебната и академската 2025/2026 година, со вкупна поддршка за 7.880 ученици и студенти.
Најмногу стипендии или 1.570 се наменети за ученици запишани во дуални паралелки во средното стручно образование. Дополнително, ќе бидат доделени 150 стипендии за ученици во тригодишни програми во стручните училишта, како и 300 стипендии за ученици кои следат програми од угостителство, туризам, шумарство, дрвна обработка, градежништво, земјоделство, машинство, текстил и кожа.
За ученици со посебни потреби се предвидени 180 стипендии, а 50 стипендии се наменети за деца без родители. За талентирани ученици има резервирани 150 стипендии, уште 150 за талентирани спортисти, и 50 стипендии за млади таленти од областа на уметностите.
Социјалната поддршка е исто така во фокусот: 900 ученици од јавни средни училишта ќе добијат стипендии, а за ученици Роми се доделуваат 1.200 стипендии.
Студентите исто така ќе можат да аплицираат во повеќе категории. Најголемиот дел – 1.470 стипендии – се наменети за студенти од социјално ранливи категории. За студенти со висок просек од природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките, медицинските, хуманистичките и општествените науки се доделуваат 770 стипендии, а 85 стипендии се посебно наменети за студенти по информатика.
По 15 стипендии ќе бидат доделени и за студенти на студиски програми по македонски јазик, историја на уметност, ликовна уметност, археологија, етнологија, како и за преведување и толкување помеѓу македонски и албански јазик.
Студентите кои имаат најмалку 7.50 просечен успех на студиски програми од природните, техничките, биотехничките и медицинските науки ќе може да аплицираат за 500 стипендии, а за студентите на математика, физика и хемија со успех над 7.00, предвидени се 130 стипендии.
За студентите кои се обучуваат за идни наставници во предучилишно, основно и средно образование се наменети 30 стипендии, а студентите Роми ќе имаат на располагање 150 стипендии.
Сите конкурси се веќе објавени на веб-страницата на Министерството за образование и наука.