Скопје денес ја одбележува 62-годишнината од катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година, кога животот го загубија 1.070 лица, а над 3.000 беа повредени

Lorita
By Lorita
3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Скопје денес ја одбележува 62-годишнината од катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година, кога животот го загубија 1.070 лица, а над 3.000 беа повредени. Земјотресот ја разурна скоро третина од тогашната македонска престолнина и остави повеќе од 200.000 луѓе без покрив над глава.

Во чест и сеќавање на жртвите, вечерва во 20 часот во Музејот на град Скопје ќе биде отворена трајна изложба насловена „Скопје за време на земјотресот и потоа“, посветена на трагедијата и на периодот на обнова што следеше.

Градот и годинава, како и секоја претходна, организира активности на денот на несреќата која го промени Скопје засекогаш. Земјотресот се случил во 5 часот и 17 минути наутро, а помали потреси траеле до 5:43 часот. Урнати биле 15.800 станови, а оштетени 28.000.

Оваа трагедија, иако разорна, стана симбол на меѓународната солидарност. По апелот на Меѓународниот Црвен крст, многу земји се приклучија со донации на храна, материјали и финансиска помош. Обединетите нации презедоа активности за планска и долгорочна обнова на Скопје.

На 23 септември 1963 година, 35 земји побараа Генералното собрание на ОН да го вклучи Скопје на дневен ред. На 27 септември беше донесена одлука за приоритетна помош за македонската престолнина, а на 14 октомври беше изгласана Резолуција за поддршка на реконструкцијата на Скопје. Тогаш, повеќе од 20 земји од сите континенти зборуваа за трагедијата и значењето на помошта.

Тој ден влезе во историјата како „денот на Скопје“ во Обединетите нации.

Историјата на градот сведочи дека Скопје не еднаш се соочувало со катастрофални земјотреси. Во 518 година, тогашниот римски град Скупи, сместен меѓу денешните Злокуќани и Бардовци, бил целосно уништен од потрес со јачина од 10 до 11 степени. Урнати биле 24 градски тврдини, а земјата била преполна со пукнатини и свлечишта.

Следниот голем земјотрес се случил во 1555 година, со јачина од околу 10 степени, повторно уништувајќи го Скопје.

И конечно, на 26 јули 1963 година, Скопје беше погодено по трет пат со потрес со јачина од девет степени по Меркалиевата скала (шест по Рихтер), со епицентар на плоштадот „Македонија“. Градот беше оставен во урнатини, но и прероден со помошта на целиот свет.

- Advertisement -
Ad image
Share This Article