Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху остро ги негираше наводите што се појавија во медиумите, според кои се согласил со политичкиот план на американскиот претседател, Доналд Трамп, што би вклучувал крај на војната во Газа, проширување на Авраамскиот договор и обврска на Израел да го поддржи основањето на палестинска држава.
– Разговорот, опишан во статијата во весникот „Израел Хајом“, не се одржа. На Израел не му беше презентиран политичкиот предлог, како што е опишан во статијата, и очигледно не се согласил со него – се наведува во соопштението од кабинетот на Нетанјаху, пренесено од Тајмс оф Израел.
Овој одговор доаѓа по извештајот на весникот „Израел Хајом“, кој во вторникот објави дека за време на телефонскиот разговор меѓу Трамп и Нетанјаху, американскиот претседател го изложил својот план за завршување на војната во Газа. Планот наводно вклучувал проширување на Авраамскиот договор на нови земји и обврска на Израел да ја поддржи идната палестинска држава.
Според извори, блиски до разговорите, двајцата лидери наводно се согласиле за време на разговорите да го прекинат конфликтот во Газа во рок од 2 недели, барајќи Израел да ја запре воената офанзива, а Хамас да ги ослободи преостанатите 50 заложници.
Меѓутоа, премиерот Нетанјаху ги негираше овие наводи, нагласувајќи дека не е постигнат конкретен политички договор, ниту, пак, му е презентиран предлог според кој Израел ќе биде обврзан да поддржи палестинска држава.
„Исходот од војната со Иран е можност за мир што не треба да се пропушти“
Нетанјаху во четвртокот изјави дека исходот од војната со Иран претставува можност за мир што неговата земја не треба да ја пропушти.
Тој во соопштението рече дека „оваа победа претставува можност драматично да се прошират мировните договори.
– Со ослободувањето на заложниците и со поразот на Хамас, постои можност што не смее да се пропушти. Не смееме да изгубиме ниту еден ден. Работиме на тоа со ентузијазам – рече Нетанјаху.
Примирјето меѓу Израел и Иран, посредувано од САД и објавено од Трамп, ги зголеми надежите кај Палестинците за крај на повеќе од 20-месечната војна во Појасот Газа, која во голема мера ја уништи територијата и ги расели повеќето жители.
Во неделата, Нетанјаху рече дека „сега кога Иран ослабе, се очекува повеќе земји да се приклучат на Аврамските договори“.