Долгото чекање на македонските граници деновиве сѐ повеќе ги става во дилема странските туристи кои патуваат за Грција дали не е подобро патувањето да го планираат преку Бугарија, наместо преку Македонија.
Tуристичките професионалци предупредуваат дека тесните грла на граничните премини може да го пренасочат сообраќајот кон Бугарија. Долгото време на чекање и недоволните транзитни услуги се ризиците поради кои може земјава да стане помалку конкурентна за транзит.
Најгласни се српските туристи кои со години патуваат преку Македонија за Грција. Тие деновиве се жалат дека на граничните премини во Македонија се чека и по 2 часа. Дополнително се жалат дека има гужви и на патарините на кои се отворени недоволно ленти, а само една за електронско плаќање со таг.
„Чекаме 2 часа, а колоната не мрднува. Што се случува овде. Пуштаат преку ред. Не е фер, ние имаме деца во колата. Се покајав што тргнав низ Македонија. Не ја правете и вие оваа грешка“, пишува српски турист кој чекал на преминот Богородица.
Во моментов нема реакции за турканици на граничните премини кои водат од Србија преку Бугарија до Грција иако и таму во летната сезона и за викенди се создаваат колони од возила. И самите туристи велат дека за викенди да не се патува преку Бугарија, бидејќи има метеж, но се жалат дека има големо присуство на полиција на патиштата.
„Имаш многу полиција низ Бугарија. Добро патување, но поради полицијата решив да се вратам низ Македонија“, коментира еден турист.
„Граничен премин Градина, две коли пред нас пред 4 дена. За промена оваа година, Бугарија. Никогаш не оди за време на викенди. Едноставно“, пишува друг турист.
Што велат официјалните институции?
Автомото сојузот на Србија речиси секој ден објавува информација дека на сите српските гранични премини има застои од 30 минути од српска страна, додека исто толку минути се чека и на македонската страна на Табановце и на бугарската страна кај Димитровград. На овој граничен премин, според српското АМСМ, најголеми гужви има навечер и за време на викендите, особено во врвот на туристичката сезона во јули.
– Треба да сметате и на големиот број автобуси што ги носат туристите подалеку, до Турција – се вели во препораките за туристите.
Оние кои патуваат преку Прешево-Табановце, се информираат дека интензитетот на сообраќај е постојано висок.
– Со оглед на тоа што преку овој граничен премин се стигнува до Грција, најпосетуваната дестинација на домашните туристи во текот на летото, интензитетот на преминувањето е постојано висок, а толпите се особено забележливи во текот на попладневните часови и за време на викендите – се наведува во препораката.
Нашиот Автомото сојуз деновиве информира за подолги чекања на граничните премини, поради напливот на возила. Критично беше во петокот и за време на викендот кога имаше долги колони возила кога се чекаше и по 2 часа. Во дел од информациите за протокот на граничните премини има наведено само дека има подолги задржувања.
Македонија традиционално е избор на Србите за пат кон Грција
Традиционално Србите за Грција одат преку Македонија бидејќи оваа рута за нив е најбрза, но и евтина бидејќи цената на патарините и на горивото е ниска. Од Табановце до Гевгелија се плаќаат 7 патарини или вкупно 700 денари (11 евра) и малку поскапо во евра околу 13 евра. Србија и Македонија имаат договор за плаќање патарина со еден таг. Дополнителна предност е и тоа што во Грција може да се влезе и од повеќе гранични премини. Богородица-Евзони, Стар Дојран-Дојран и Меџитлија-Ники што е добро ако се летува на Јонското Море. Преку Македонија е најкратко патувањето за централна и за јужна Грција.
Состојбата на патарините и граничните премини може да се следи во живо, што го олеснува планот за патување и одбегнување на метежот на граничните премини.
Од Белград до Табановце, се плаќа патарина од 1.470 српски динари или околу 12,5 евра или вкупно до Гевгелија околу 23 евра.
Бугарија од годинава станува сѐ поинтересна за Србите
Рутата од Белград низ Бугарија до Солун е долга 670 километри. На неа се плаќа патарина со вињетки чија цена зависи од тоа на колкав период ќе ја купите. За викенд чини 5 евра, за седум дена до 7 евра или за еден месец 14 евра. Казна за возење без вињета: околу 50 евра и се наплаќа на самото место. На автопатот E79 се воведени нови камери кои ја мерат просечната брзина на возилата на десет делници. Казните се испраќаат автоматски преку СМС порака и можат да достигнат 307 € за прекршоци со поголема брзина.
Оваа рута станува сè попопуларна меѓу патниците од Србија, особено за оние што се упатуваат кон дестинации како Тасос, Кавала, Аспровалта, Ставрос, Неа Врасна и Халкидики. И таму горивото е евтино, но затоа се плаќа повеќе за патарини.
Патарините низ Србија до границата со Бугарија чинат 1.510 динари (околу 13 евра) за насоката Белград-Димитровград. За влез во Грција се користи граничниот премин Кулата (Бугарија)-Промахонас (Грција). Во текот на јули и август, можни се подолги застои во двата правца, особено за време на викендите. На патниците им се препорачува да ја преминуваат границата во работните денови, наутро или доцна навечер.
Во однос на брзината по која се вози на патиштата е 130 километри на час во Македонија и 150 километри на час во Бугарија.
Според она што може да се добие како информација, туристичките агенции од Србија и натаму главно ја избираат Македонија како посигурна дестинација.
Анкетите направени од некои српски медиуми пред сезоната, пак, покажуваат дека 40% од испитаниците се заинтересирани да патуваат преку Бугарија, додека 20 отсто рекле дека ќе одлучат во зависност од состојбата на граничните премини. Сепак, 30 отсто одговориле дека и натаму ќе ја користат македонската рута.
Треба да се инвестира во граничните премини
Tуристичките професионалци предупредуваат дека тесните грла на премините може да го пренасочат сообраќајот кон Бугарија. Долгото време на чекање, и недоволните транзитни услуги се ризиците поради кои може земјава да стане помалку конкурентна за транзит.
– Излезот е во инвестирањето во проширување на граничните премини, според фреквенцијата на патници. Кон Грција имаме два многу фреквентни излези, но оној кај Дојран е тесно грло и треба да се прошири – вели Дончо Нацев, туристички експерт.
Тој додава дека годинава граничните служби на македонска и на грчка страна се многу ефикасни, а метежот што се создава е поради капацитетот на премините и традицијата на одмор да се тргне за викенд.
– Граничните премини работат со целиот капацитет и од македонска и од грчка страна деновиве, а и за целиот период на одмори, но треба да се минат процедурите. Вообичаено за Србија и кај нас е така, турите со граѓани кои одат на одмор за Грција почнуваат во викенд за да се добијат повеќе денови за одмор и затоа за викенди има повеќе гужви на границите. Преку недела нема големи гужви. Дополнително српските автобуси се со 90 патници и додека завршат процедурите на границите чекаат подолго. И оние кои самостојно патуваат го избираат викендот за патување, па така се создава метежот – појаснува Нацев.
Немаме понуда да ги задржиме туристите повеќе часови на наша територија
Нацев вели дека и патарините кои работат со една лента придонесуваат за гужвите, но проблем е и тоа што немаме туристичка понуда покрај автопатот за да ги задржиме туристите.
– Ако имаме туристичка понуда која би ги задржала странците подолг период на локалитети покрај автопатот, тогаш и гужвите би биле помали, бидејќи туристите ќе можат да планираат да ја минат границата кога тоа ќе им одговара – вели тој.
И не е ова прва година како што се наближуваат одморите да има турканици на граничните премини. Сликата се повторува секоја година, а малку или ништо не се прави за таа да се промени. Пред една година се проширија пристапните сообраќајници од македонската страна на граничниот премин Табановце, а годинава е најавена изградба на нов граничен премин кон Грција.
Од своја страна Грција веќе планира да го прошири граничниот премин Евзони како еден од најфреквентните.