Европската унија го осуди терористичкиот напад врз црквата „Мар Елијас“ во Дамаск, главниот град на Сирија, и изрази сочувство до семејствата на жртвите.
„Ова гнасно и кукавичко насилство врз христијаните е напад врз сите Сиријци. Тоа е сериозен потсетник за потребата од интензивирање на напорите против терористичката закана и обезбедување траен пораз на Исламската држава и другите терористички организации“, соопшти денес прес-службата на Европската унија.
Се наведува дека ЕУ, во овој критичен момент за земјата, се солидаризира со сирискиот народ и ги поддржува сите напори на преодните власти насочени кон обезбедување безбедност за сите Сиријци без дискриминација врз основа на етничка припадност или религија.
Самоубиствен бомбашки напад во грчка православна црква во Дамаск во неделата уби најмалку 20 лица, соопштија сириските власти, обвинувајќи ја џихадистичката група Исламска држава. Обединетите нации и неколку земји го осудија нападот, прв од ваков вид во Дамаск откако силите предводени од радикални исламисти го соборија од власт поранешниот претседател Башар ал-Асад на 8 декември 2024 година.