Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе одлука да го намали бројот на клубови во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) од 12 на 10, почнувајќи од сезоната 2026/27.
Одлуката беше донесена на последната седница на Управниот одбор на ФФМ, а целта, како што беше посочено, е зголемување на конкурентноста и квалитетот на натпреварите.
Истовремено, реформи ќе има и во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ), каде што од сезоната 2025/26 ќе се натпреваруваат 14 екипи наместо досегашните 16.
ФФМ формира и специјална комисија составена од Агим Ибраими, Игор Франговски и Сашо Здравевски, која ќе спроведе дополнителна анализа и ќе даде конечни предлози за системот на натпреварување, начинот на промоција и испаѓање, како и другите технички детали.
Од Федерацијата најавуваат дека ќе се води сметка за интересите на клубовите, но и за квалитетот на натпреварите, финансиската стабилност на тимовите и развојот на младите категории.