СВР Штип поднесе кривична пријава против М.Д.(33) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 20.09.2024 во Штип, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што биле пронајдени и одземени амфетамин и марихуана.
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево до Основното јавно обвинителство Делчево поднесе кривична пријава против В.Х.(49) од општина Македонска Каменица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,загрозување на сигурноста“ по член 144 став 3 во врска со став 1 и член 45 од Кривичниот законик. На 24.04.2025 во семејниот дом В.Х. физички ја нападнала нејзината 29 – годишна снаа за син, по што е лишена од полициски службеници од Полициското одделение Македонска Каменица.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против Л.Н.(68) од Крива Паланка поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“. На 28.03.2025 во Крива Паланка, три деца биле нападнати од куче сопственост на пријавената, кое било оставено без надзор.
СВР Скопје поднесе кривична пријава против И.Ф.(69) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 07.03.2025 во Скопје, пријавениот со остар предмет нападнал полициски службеници додека извршувале службени дејствија.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против правно лице од Тетово, против И.Ц.(40) од Тетово – управител на правното лице и А.Х.(30) од Тетово – вработен во правното лице поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „приредување на игри на среќа без лиценца, односно дозвола од надлежен орган“ и „недозволена наплата или исплата во ефективни странски пари“. На 03.10.2024, полициски службеници во содејство со Државен пазарен инспекторат, Државен инспекторат за труд и Управа за јавни приходи извршиле контрола во правното лице, при што било констатирано дека се приредувале игри на среќа и покрај претходно изготвеното решение од страна на УЈП со кое се забранува приредување игри на среќа во рок од 30 дена. Второпријавениот, во својство на управител, овозможил да се организираат, односно приредуваат игри на среќа и забавни игри во правниот субјект, при што во касата биле пронајдени вишок на готовина во износ од 298.000 денари и 100 евра за кои не се издадени фискални сметки и биле одземени од УЈП. Третопријавениот, во својство на вработен, организирал и приредувал игри на среќа и забавни игри во правниот субјект и при извршена контрола во неговиот телефон било констатирано дека користел веб страница и имал административни права за креирање на други корисници. Исто така, била пронајдена листа на активни играчи и достапни кредити во износ од 389.293 денари, како и листа на должници, а додека бил на смена наплатил или исплатил странски пари.
СВР Битола поднесе кривична пријава против Е.М.(54), Т.З.(53) и В.Б.(38), сите од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 22.10.2024 полициски службеници извршиле претрес кај првопријавениот, при што биле пронајдени и одземени пушки различен калибар и муниција, кои биле сопственост на второ и трето пријавениот, а пронајдени биле и делови од дивеч, кој во периодот кога е вршен претресот е забранет за отстрел.
На 27/28.04.2025 на различни локации во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода Н.Л.(36), Б.К.(25), М.С.(24), 25-годишната А.М., Б.Ш.(41), Т.П.(44) и еден малолетник, сите од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 27.04.2025 околу 13 часот во СВР Скопје e пријавено дека на крстосницата од ул.„5“ со сервисна улица во с.Визбегово, скопско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Е.(45) од Скопје и мопед со скопски регистарски ознаки, управуван од М.С.(42) од с.Батинци, скопско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил М.С., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
На 27.04.2025 околу 20.10 часот во СВР Скопје e пријавено дека на бул.„Јане Сандански“ во Скопје, Б.Ј.(38) од Скопје, управувајќи електричен тротинет, изгубил контрола и паднал на коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Б.Ј., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
На 27.04.2025 во 15 часот во СВР Тетово e пријавено дека на ул.„Киро Ристоски– Дрнц“ во Тетово, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од М.Ш.(59) од с.Шипковица, тетовско и електричен тротинет, управуван од малолетник од Тетово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, констатирани во Клиничката болница Тетово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Тетово.
На 27.04.2025 во 20.23 часот Д.Т. (36) од Штип пријавил дека неговото возило „пасат“, кое било паркирано на паркинг простор во Штип, било оштетено од испукани проектили. Извршен е увид од страна на полициски службеници од СВР Штип и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Денеска (28.04.2025) во 01 часот во СВР Скопје, О.М.(38) од Скопје, пријавил дека на 27.04.2025 околу 18.30 часот во угостителски објект на подрачјето на Центар каде работи, И.М. на него и на неговиот брат М.М. (сопственик на објектот) им упатувал закани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Денеска (28.04.2025) во 01.45 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Чаир било опожарено патничко возило „ауди а3“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Х.Х.(38) од Скопје. Повредени лица нема, а пожарот бил изгаснат од сопственикот на возилото. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 27.04.2025 во 08.40 часот во СВР Скопје, С.А. пријавил дека во текот на ноќта на 27/28.04.2025 од неговиот автосервис на подрачјето на Гази Баба било одземено товарно возило „ивеко дејли–фургон“, сопственост на АРМ, а кое било оставено за сервисирање, како и регистарски таблички од патничко возило „мазда“ кое било оставено на сервис. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 27.04.2025 во 21.10 часот во СВР Скопје, С.С.(59) од с.Грчец, скопско, пријавил дека врз неговото патничко возило „цитроен“, со скопски регистарски ознаки, кое било паркирано во неговиот двор, паднало заталкано зрно од огнено оружје. Се работи на расчистување на случајот.
На 27.04.2025 во 13.30 часот во СВР Скопје, К.П.(41) од Скопје пријавила дека на 26.04.2025 во 20.00 часот на подрачјето на општина Аеродром, нејзината 14-годишна ќерка била физички нападната од две малолетнички, кои ги познавала. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 27.04.2025 во 23.30 часот во СВР Скопје, 35-годишен маж од Скопје пријавил дека на 26.04.2025 околу 15.00 часот во семејниот дом на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, бил физички нападнат од неговата сопруга М.М.П.(36) од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 27.04.2025 во 13.25 часот во скопско полициски службеници од СВР Скопје го привеле Љ.Ѓ.(36), поради тоа што во двор од семејната куќа, физички го нападнал својот 65-годишен татко. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 27.04.2025 во 13.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Волково, скопско, по претходно меѓусебно нетрпение бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу И.П.(51) од с.Дељадровци, скопско и В.Ѓ.(65) од с.Волково. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.