Едно лице загина, а неколку други се повредени во рускиот напад на Керсон. Одеса, пак, беше цел на напади со беспилотни летала. Три лица се повредени, а неколку објекти се оштетени.
Руската војска денеска го нападна градот Керсон на југот на Украина, при што загина едно лице, а тројца се ранети.
Гувернерот на регионот Керсон, Олександр Прокудин, потврди дека во рускиот напад едно лице загинало, а три други се ранети. Тој предупреди дека нападите продолжиле дури и кога спасувачите пристигнале на местото на настанот, пренесе француската новинска агенција АФП.
„Ова е намерна тактика на Русија да го спречи спасувањето на жртвите и да им наштети на лекарите, спасувачите и полицајците“, додаде тој.
Во меѓувреме, три лица се повредени во напади со беспилотни летала во Одеса, а неколку згради се оштетени, јавува украинската новинска агенција Укринформ. Русија го изврши нападот врз регионот по посетата на генералниот секретар на НАТО Марк Руте, кој во вторникот ги осуди руските напади врз украинските цивили во Одеса.
Сирените се огласија и во текот на ноќта во Киев и во многу други поголеми градови низ Украина, предупредувајќи за напади, јавува германската новинска агенција dpa.