Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп денеска имаа телефонски разговор во кој ја нагласија важноста на нормализирањето на билатералните односи меѓу Русија и САД, информираше прес-службата на Кремљ.
Во официјалното соопштение се наведува дека лидерите изразиле заеднички интерес за подобрување на односите поради „посебната одговорност“ која двете земји ја имаат за одржување на глобалната безбедност и стабилност.
Трамп и Путин, исто така, разговарале и за ситуацијата во Украина, при што, како што јавува Белата куќа, била истакната потребата од постигнување мир и итен прекин на огнот во регионот.
Рускиот државен медиум РИА објави дека тие имале детален и искрен разговор за ситуацијата во Украина, при што Путин изразил посветеност кон мирно решение на конфликтот.
„Путин одговорил позитивно на идејата за прекин на нападите врз објектите на енергетската инфраструктура во рок од 30 дена и ѝ дал наредба на руската војска да го спроведе ова“, објави РИА.
Исто така, Москва и Вашингтон договориле да се формираат експертски групи кои ќе работат на решавањето на украинската криза.
Размената на мислења помеѓу двајцата претседатели била детална и искрена, додава Кремљ, без да соопшти дополнителни информации за конкретни чекори или договори меѓу двете страни.