Полицијата изрече вкупно 2.228 казни за различни сообраќајни прекршоци за време на изминатиот викенд (21-23 февруари), покажуваат податоците од полициските контроли спроведени низ целата држава.
Најголемиот дел од санкциите – дури 718, се однесуваат на возачи кои ја надминале дозволената брзина, а загрижувачки е што 106 лица биле фатени како управуваат возило во алкохолизирана состојба. Исто така, 215 возачи биле санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола.
Полицијата регистрирала и 171 случаи во кои возачите не користеле сигурносен појас, како и 12 прекршоци од мотоциклисти кои не носеле заштитен шлем. Дополнително, казнети се 45 лица поради користење мобилен телефон при возење.
Во споредба со претходниот викенд, забележан е благ пад кај неправилното паркирање, со 451 санкционирани возачи. Во меѓувреме, полицијата регистрирала и 15 минувања на црвено светло, како и 28 прекршоци од страна на пешаците.
„Сообраќајните правила и прописи мора да се почитуваат за да се зачува безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Полициските контроли ќе продолжат и во наредниот период“, соопштија од Министерството за внатрешни работи.