Враќањето на парите од солидарниот данок на компаниите е сериозен проблем и голем удар врз Буџетот. Со компаниите во наредниот период ќе седнеме и ќе разговараме за да видиме како ќе се сервисираат обврските и да ја разгледаме можноста за пребивање, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа рече дека во времето кога се носеше законот како опозиција ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа затоа што, како што рече, комплетно е погрешно напишан и не го следи тоа што го правеше Европа во тоа време.
– Причината беше дека ги опфаќа сите компании, а не оние за кои е наменет во Европа и дека компании кои биле основани во 2022 година исклучиво за производство и трговија со електрична енергија не подлежеа на плаќање данок. Исто така пресметката беше поврзана со добивки и потенциравме дека не секогаш добивката е поврзана со ликвидноста. Но сега од позиција на министер сум загрижена дека враќањето на парите од солидарниот данок на компаниите е сериозен проблем и голем удар врз Буџетот – изјави Димитриеска-Кочоска во гостување на ТВ Алфа.
Димитриеска-Кочоска откри дека на списокот се и државни компании кои се во финансиски проблеми и добивале државни субвенции платиле солидарен данок.
– Списокот на компании покажува дека има државни компании кои платиле солидарен данок. На пример ЕСМ – компанија на која и била дадена помош од 300 милиони евра за да преживее платила солидарен данок. Тука е АД Водостопанство и Национални шуми на кои требаше да префрлиме пари за да земат плата. И тоа е апсурд – рече Димитриеска-Кочоска во гостување на ТВ Алфа.