Во руски ракетен напад врз украинскиот главен град Киев денеска загина еден човек, изјави градоначалникот Виталиј Кличко.
„Најмалку тројца се ранети“, објави Кличко на Телеграм.
Помеѓу повредените има 9-годишно девојче. Двајца од повредените се пренесени во болница.
Шефот на претседателската канцеларија на Украина, Андриј Јермак, претходно изјави дека ракетните и воздушните одбранбени системи околу Киев се активни.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска изјави дека “само силни чекори и притисок врз Москва можат да ја сопрат Русија“ и повика на единство и поддршка од сите партнери на Украина „во соочувањето со руската агресија“.
„Овој руски терор против Украина нема да престане сам по себе. Путин не се подготвува за мир – тој продолжува да убива Украинци и да уништува градови. Само силни чекори и притисок врз Русија можат да го запрат овој терор. Во моментов ни требаат единство и поддршка од сите наши партнери во борбата за праведен крај на оваа војна“, објави Зеленски на Телеграм.
Во текот на ноќта во Киев се слушнаа серија експлозии, а ПВО предупреди на можна употреба на балистичко оружје.
Нападот предизвика штети и пожари во најмалку 4 области на главниот град, според украинската државна служба за вонредни состојби.