Во Неготино денеска ќе се одржи протестен марш под мотото „Стоп за сообраќајното насилство“, организиран во чест на Фросина Кулакова, која беше прегазена во Скопје.
„Време е да ја подигнеме свеста за трагедиите кои секојдневно се случуваат на нашите улици. Овој протест е повик за промени, порака дека е доста со жртви во сообраќајот. Маршираме за Фросина, за Викторија, за сите кои го загубија животот поради несовесни возачи и нефункционални институции“, стои во повикот за учество.
Протестот има цел да ја нагласи итната потреба од системски промени и посигурни патишта.
Фросина Кулакова, студентка по моден дизајн, го загуби животот на 22-годишна возраст додека преминуваше на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во Скопје.