Американскиот претседател Доналд Трамп пред новинарите во Белата куќа изјави дека не се брза да ја преземе Газа, што го најави на неодамнешната прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„САД ќе го третираат ова како трансакција со недвижен имот каде што ние ќе бидеме инвеститори, но нема брзање“, рече поранешниот њујоршки магнат за недвижности Доналд Трамп.
На прес-конференцијата по средбата во вторникот со Бенјамин Нетанјаху, Трамп зборуваше за долгорочно американско преземање на Газа, при што Палестинците кои живеат таму ќе бидат прифатени од Египет и Јордан. Тој најави и дека со помош на инвеститори Газа ќе стане слична на француската ривиера.
Неговите изјави ја изненадија и вознемирија и странската и домашната јавност, но и републиканците во Конгресот. Идејата за вклучување на американските војници во нова војна на Блискиот Исток не беше дочекана со ентузијазам кај републиканците, па тие му ставија до знаење на Трамп дека нема да ја поддржат.
Белата куќа донекаде ги ублажи изјавите на претседателот следниот ден. Како што објаснија, Трамп не се обврзал да испрати американски војници во Газа, но не ја исклучил можноста. Тие додаваат дека американското преземање на уништената палестинска енклава не значи дека американските даночни обврзници ќе платат за обновата.
Нетанјаху рече дека таков нов пристап може да го трансформира Блискиот исток, додека државниот секретар на Трамп, Марко Рубио, во средата се обиде да разјасни дека Палестинците ќе бидат преместени само привремено додека Газа не биде обновена под водство на САД.